ПОЛЕТО НА БИОХЕМИЈАТА Е МАГНЕТ ЗА УСОВРШУВАЊЕ

Стефани Мирческа, најдобар дипломиран студент на Високата медицинска школа во Битола

Личните успеси се сатисфакција за трудот и круна на упорноста која ја негувала индивидуата. Радост се за родителите, семејството, роднините. Пример и мотив за останатите за кои се инспирација. Но, за заедницата се гордост и чест,  да се има сограѓани кои се успешни и наградени. Меѓу  најдобрите  8 дипломирани студенти во академската 2021/2022 година на Универзитетот “Климент Охридски” е прилепчанката Стефани Мирческа која Високата медицинска школа ја заврши со просек 9,47. Од ректорот на УКЛО доби признание кое само уште повеќе ја подгрева нејзината амбиција за усовршување и примена на знаењата во родниот Прилеп и татковината.

Кај Стефани Мирческа (22) љубовта за медицинските науки тлеела уште при изборот на средното образование. 

– Желбата за работа во областа на медицината потекнува уште од гимназиските денови кога го избрав природно – математичкото подрачје под Б. За понатамошното образование, скоро сите мои соученици ја одбраа Општата медицина, но мене повеќе ме интересираше областа на биохемијата. Некои мои соученици го одбраа смерот биохемија со физиологија на ПМФ, каде се учи чиста биохемија, но за мене Високата Медицинска Школа беше попримамлива бидејќи се работи главно со луѓе и нивните болести. Смерот кој го одбрав е медицинско – лабораториски аналитичар и се изучува три години. Полето на биохемијата ми е на располагање да го проучам уште повеќе и да се надоградувам преку тоа што имаме можност да запишеме и уште една (опционална) година која е позната како стручна специјализација. Ја одбрав специјализацијата за биохемиски анализи, со која нам како на лаборанти ни се овозможува академско образование – објаснува Стефани Мирческа, најдобро дипломираниот студент на Високата медицинска школа во Битола.

 Смета дека ниту еден лаборант, не смее да започне да работи во својата струка без претходно да го усоврши венското и капиларно земање на крв, а воедно и микроскопскиот преглед на урина, гледање на седимент.

– Како студенти кои студиравме за време на вирусот Ковид-19, доста пропуштивме од нашата практична настава, но затоа имаме можност да ги надополниме оние работи кои не ни се познати преку стажирањето кое се извршува во рок од 10 месеци. Теоријата е темел и истата ја добиваме преку бројните предмети кои влегуваат во склоп на нашите студии. Впрочем, скоро секој семестар се изучуваат по 7, а одредени семестри и 8 предмети кои си имаат и соодветни вежби односно практичен дел – вели Мирческа.

Стажира во лабораторијата во прилепската болница. Вложениот труд и напор во знаењето го применува со ангажманот во кој посебно го цени контактот со пациентот и воспоставувањето на комуникацијата.

И додека држава се соочува со одлив на млади стручни лица, Стефани останува во Прилеп.

– Како и сите родители, и моите мислеа дека можностите надвор се подобри за талентираните деца. Но, јас одлучив да останам овде. Сметам дека тоа се потврди  и со постигнатиот успех на факултет кој е посладок и споделен со најблиските. Се надевам дека ќе најдам работа и ќе се усовршувам – објаснува Мирческа.

Со завршувањето на специјализацијата ќе се стекне со 240 ЕКТС и ќе има академско образование со што ќе може да конкурира и да работа со седми степен образование.

НАЈДОБРИТЕ НА УКЛО

Најдобри студенти по високообразовни институции во рамките на УКЛО се:

Анастасија Маркоска, Факултет за безбедност – Скопје, со просечна оценка на дипломирање 9,31. Сара Петковска, Технички факултет – Битола, со 9,38; Стефани Мирческа, Висока медицинска школа – Битола, просек 9,47; Сара Срезовска, Правен факултет – Кичево – 9,55; Димитар Митревски, Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола, дипломирал со просек 9,92; Симона Зуламоска, Педагошки факултет – Битола, со 9,98; Радмила Андоноска, Факултет за туризам и угостителство – Охрид, просек 10,00 и Сибела Мамудоска, Економски факултет –  Прилеп, со просечна оценка на дипломирање 10,00.

НЕМА ГРАНИЦИ ЗА УСПЕШНИТЕ

Прилепчанката Сибела Мамудоска од Економскиот факултет во Прилеп, со просечна оценка на дипломирање 10, на прославата на патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола била прогласена за најуспешен  студент од сите факултети. Во интервјуто за порталот Факултети.мк таа отрива дека не било лесно да се постигне високиот успех и поминала многу непроспиени ноќи, но трудот ì се исплатил зашто веднаш по дипломирањето нашла добра работа:

“- Не беше тешко да се најде работа. Претходно бев практикант две години во банка во Битола и го препознаа мојот квалитет, што резултира со вработување веднаш по моето дипломирање. Имав и други понуди, можев да избирам. Но, ја одбрав битолската филијала на банката. Сега живеам во Битола. Во ниту еден момент не жалам што го избрав Универзитетот во Битола. Мојот правилен избор на студии резултира со вработување во банка веднаш по дипломирањето, што беше можност сите мои стекнати теоретски знаења на Економскиот факултет да ги применам во практика – рече Мамудоска.

Како и сите млади луѓе, и таа ги разгледувала можностите да ја гради кариерата во странство, но тука ја задржало нешто многу поголемо.

– Размислував да заминам надвор, имаше можности за тоа. Но, останав тука, тука ми е сѐ познато, тука се надградував, па сакав да ì вратам на татковината за можностите што ми беа дадени – вели најдобрата студентка за академската 2021/2022 година на Универзитетот во Битола.

Таа веќе го дава својот придонес зашто покрај работата, вклучена е и во проекти на невладините организации кои се борат за поголеми права на жените Ромки, особено за еднаков третман при вработувањето. Досега добила и други награди, меѓу кои и онаа од здружението на граѓани „Ромаверзитас” за студент со највисок просек, како и други успеси и признанија за време на студирањето.

Успехот не се должи само на нејзиниот труд, туку и на посветеноста на професорите на факултетот и поддршката од родителите, вели Мамудоска, меѓу другото во интервјуто за порталот Факултети.мк

Loading