ИН МЕМОРИАМ – ЗАМИНА ЅАНАТА

Илија Велкоски – Ѕаната беше голем познавач на историјата на уметноста, историјата, културното наследство, но и во други области од општественото живеење во Прилеп. Но, и боем… Смртта предизвика тага и болка кај најблиските, пријателите, колегите, познаниците, Прилеп и Македонија, особено кај соработниците од Боречката организација.

Илија Велкоски почина на 73 годишна вораст (1949-2023).  Со години, со своето знаење, целиот работен век, го вложи во создавањето, афирмацијата и развојот на културата и уметноста во Прилеп.

Историјата на уметноста му беше специјалност, достигнувајќи го највисоката професионална музејска титула, кустос – советник. Остави неизбришлива трага во културата. Учествуваше во многу проекти, истражувања, изложби, предавања… Беше голем професионалец, секогаш расположен да говори за настани и личности преку кои го промовираше градот на простумот, градот со бујна историјата за македонскиот народ. Незаменлив, стручен, човек – енциклопедија.

Години беше директор на Заводот и музеј во Прилеп, придонесувајќи за развојот, афирмацијата и популаризацијата, но и за респектабилноста на установата, давајќи полно сили и знаења да се вброи во редот на институции со високо реноме.                      

Успешен директор на ЦК “Марко Цепенков”. Соработник на Градската библиотека, касарната, Архиерејското намесништво, член на Друштвото за наука и уметност, член на Македонскиот национален комитет на ИКОМ (Меѓународниот совет на музеите), соработник на многу општински, владини и невладини организации… Секогаш беше желен за активност, не мируваше, секогаш на штрек за помош.                                                      

Беше и претседател на Советот на општината Прилеп, посветувајќи се целосно на развојот на градот. Беше активист во сите сфери, општествено политички ангажиран граѓанин, кој со голема љубов говореше за историјата, за НОБ… Како наследник на семејство кое се борело за слободата на македонскиот народ, ги почитуваше традициите, и беше постојано присутен на одбележувањето на значајните настани и датуми од НОБ. Тоа негово залагање придонесе со години да биде дел од Сојузот на борците, каде, како добар познавач и почитувач на традициите, беше претседател.     

Loading