„ОТИ ТАКА?“ ОД НОВИНАРОТ КИРИЛ РИСТЕСКИ

Колумни меѓу корици

Пензионираниот новинар Кирил Ристески кој и ден денес е активен пишувајќи во неделникот Зенит и во Пензионер, ја издаде книгата “Оти така?” во која се објавени негови колумни.

Локални, но и државни теми го инспирираат пензионерот Кирил Ристески, во свој стил да прави приказни слични на сатири, со многу иронија и сарказам, и да ги жигосува слабостите на локалните власти, не штедејќи ги ниту државните авторитети.

На свој јазик, препознатлив за читателите, едноставно, разбирливо и јасно, со локализми, досетки и мајтапи, ги пренесува своите забелешки не само од пазарот туку, дури и од највисоката политика. Преокупација главно му се општинските теми. Ги критикува надлежните без влакна на јазикот, укажувајќи им на пропустите, слабостите и предлагајќи им марифети за решавање на проблемите и подобрување на амбиентот и стандардот на граѓаните на Прилеп.

Ристески успева да се наметне кај читателите на неделникот Зенит, каде ги објавува белешките, бидејќи погледите на градските проблеми се заеднички, на сите. Само што тој ги обелоденува јавно, додека граѓаните зборуваат во меѓусебни муабети и не се охрабруваат да ги пренесат или да ги напишат. Практично тој е гласот на граѓаните, дури и за теми кои се гледаат, но не низ диоптријата на критиката. Преку белешките ги предизвикува реакција на локалните власти. Затоа се надминати голем дел од неговите укажувања. Дел од слабостите или пропустите остануваат за решавање на друго ниво во државната хиерархија. Подбуцнувајќи ја тромата администрација, комуналните инспекции, па и индолентната бирокартија на јавните претпријатија, го свртува вниманието и ги турка на акција наделжните служби. Не секогаш добива соодветен одговор од платените луѓе со нашите пари од даноците. Сепак неговите белешки се евиденција на успешност или неефикасност на градските служби.

Како и да е, Ристески со белешките отсликува едно време, со, за жал, уште не доволно ниво на демократски капацитети и свест не само на платените институции. Записите сепак се влијание на надлежните, зашто ним не им е сé исто ако некој ги гали додека граѓаните се дават во прашина, на пример, или ако им е чисто под прозорецот. Впрочем колку се ефикасни службите ќе се види на изборите, кога граѓаните наградуваат или казнуваат, даваат власт или земаат и пренесуваат на други политички структури на кои веруваат дека ќе бидат поефектни. Колку и да се темите понекогаш и банални, сепак се печат на едно време кое останува забележано во архивите и историјата. Четивата на Ристески во “Оти така?”се печат  на денешниата за иднината, достапни на поширок круг на граѓани.

Loading