„МОИТЕ СОНИШТА НА МОНУМЕНТАЛНИ ПЛАТНА“

Изложба на слики од Кирил Гегоски

Изложба на слики “Моите соништа на монументални платна” од академскиот уметник Кирил Гегоски ќе биде отворена вечерва од 19 часот во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков. Ќе биде претставен најновиот циклус од творештвото на Гегоски.

-Негувајќи го долгогодишниот интерес за пејзажот уметникот создава апстрактно-асоцијативни содржини инспирирани од природата. Различната интерпретација и односот кон формата претставува особеност во творештвото на уметникот. Пејзажните структури и редуцирани форми се преобразуваат во женски акт. Линијата дополнително ја дефинира формата и го засилува карактерот на композицијата. Монументалните димензии на платната претставува уште една раритетна одлика со која се разликува и се дополнува творечкиот опус на уметникот – вели Викторија Димеска, историчар на уметност.

Гегоски е годинашен добитник на наградата за животно дело на Прилеп. Член е на ДЛУМ од 1968 година. Имал студиски престои и изложби во Париз, Италија, Грција, СССР, Франција и Полска. Во богата творечка кариера имал 23 самостојни и над 30 групни изложби во земјата и странство. Учествувал на многу домашни и интернационални сликарски колонии. За творештво е наградуван повеќепати.

Loading