В ГОДИНА ДОМАЌИНИ – ИРЕНА ЈАКИМОСКА И КОМФИ АНГЕЛ

Одбележан празникот Свети Никола

Сопстевничката Ирена Јакимоска и компанијата Комфи Ангел в година вторпат ќе бидат домаќини на градската слава Свети Никола, откако кумството го презедоа од фирмата Инженеринг Теракота. За зачувување на традицијата и грижата како општествено одговорни компании, упатија пораки за помирување, почитување и помагање по прережувањето на славската погача пред Параклисот во центарот, посветен на заштитникот на градот Св.Никола. За Ирена Јакимоска надежта и љубовта се чувства кои поврзуваат.

– Ние сме тие кои може да обезбедиме континуитет на традицијата и на сите вредности. Овој град знаел да покаже дека се сакаме меѓу себе, покрај тоа што знаеме да бидме понекогаш сурови. Меѓутоа ние сме оние кои ја правиме традицијата – рече Јакимоска, идна кума на градската слава.

Светиниколска трпеза на отворено, ја благослови владиката Петар. Посно јадење за прилепчани, на кои им се делеше на плоштадот „Александрија”, го обезбедија годинашните домаќини, градежната компанија Теракота инженеринг и сопствениците Гордан Бошкоски и Коста Тошески.

– Како прилепчани да се обединиме, да заборавиме на антагонизмите и да ги оставиме суетите настрана, заради тоа што само обединети и само заеднички можеме да го оствариме сонот, Прилеп да стане еден од најубавите градови за живеење – рече Бошкоски.

Градоначалник Борче Јовчески потсети дека Прилеп по 17-ти пат организирано го слави светецот, заштитник.

– Прилеп ги одржува традициите, а наше е да го развиваме градот, да ги цениме вредностите и да изградиме заедница според сите стандарди – рече Јовчески.

Се одржа и света божествена литургија во црквата Свето Благовештение.

– Барањето правда за онеправданите е основното одличје на светецот Никола. Тој е заштитник на децата, на сиромашните, на морепловците. Треба да се раководиме од неговите достигнувања, а Прилеп ги одржува традициите и почитувањето на верата и доблестите – рече владиката Петар.

Присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, пратеници, советници и гости пред параклисот Св. Никола, во центарот каде се одржа водоосветување и прережување на празничниот славски леб во чест на светецот.

 Св. Никола за патрон празник на Прилеп е востановен во 2005 година, а во 2008 година, градот и Македонија првпат влегоа во Гинисовата книга на рекордите со најголемата порција минијатурна посна сарма од 80.191 сармиче со големина на лешник.

Празнување и во Жабино маало

Домаќин на светиниколското чествување во населбата Жабино Маало, беше РК Прилеп. Пред параклисот во населбата што го носи името на светецот, ден пред празникот, жителите го прославија верскиот празникот.

Loading