„ПОСТВИЗАНТИСКИТЕ ПРЕТСТАВИ НА СТРАШНИОТ СУД НА ТЕРИТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА“ ОД АЛЕКСАНДАР ВАСИЛЕСКИ

Монографија

Здружението “Менелај” во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп, ја публикуваше монографијата “Поствизантиските претстави на Страшниот суд на територијата на Р Македонија”. Се работи за исцрпна и заокружена студија на македонските илустрации на Страшниот суд настанати меѓу 15  и 18 век, а чиј автор е д-р Александар Василески.

Студијата е тематска целина, ретка во византолошката библиографија, во која монографски е третирана ликовноста на поствизантиските илустрации на Страшниот суд. Ова е комплексна тема во источнохристијанската уметност.

-Во монографијата, покрај темелните анализи на иконографските карактеристики и нивната семиотичка интерпретација на збирката ѕидни илустрации на Второто Христово доаѓање, научно се промислени и социополитичките фактори кои влијаеле врз еволуцијата на ликовноста на Страшниот суд во византискиот и поствизантискиот период. Голем дел од претставите ја доживуваат својата прва научна евалуација, проследена со богат илустрационен материјал – додаваат од Менелај.

Loading