ОТКУП БЕЗ ПЛАЧКИ – ПРЕМИЕРОТ СО ФАЛБИ, ТУТУНАРИТЕ БЕЗ ЖАЛБИ

Откупот на тутунот започнува со зголемена откупна цена над 30% споредено со минатата година. Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун се пофали премиерот Димитар Ковачевски кој со министерот за земјоделство Љупчо Николовски го посетија откупниот пункт за тутун во Тутунскиот комбинат.

– Откупната цена за килограм тутун е 261 денари, за разлика од лани кога била 200 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – а тоа е дека од 2014 година до денес откупната цена на тутунот е зголемена за 115,7 %. Пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун што е за над 10 % повеќе од лани кога се откупиле 18.600 тутун. Имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година – рече Ковачевски.

Владата донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот, за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Се донесе и нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека откупот на тутунот тече во најдобар ред и дека оваа година е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм.

– Склучени се вкупно 29.653 договори за производство на тутун, што е за 7% повеќе од лани. Зголемување имаме и на површините за тутун за 15% споредбено со лани. Оваа година согласно договореното производство, очекуваме да се откупат 25.850 тони што претставува зголемување за околу 10 % во однос на реализираниот откуп минатата реколта. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун”, со финансиска поддршка по корисник која изнесува 4,5 милиони денари – рече министерот Николовски.

Година се очекува производството на тутун во Македонија да биде околу 19 милиони килограми, а потребите и потпишаните договори на откупувачите се на 26 милиони килограми.

Сојузот на земјоделски здруженија

– Не викаме дека ова покачување е идеално и дека е  многу, но малку од малку ќе ги ублажи нашите загуби. Не значи дека тука ќе застаниме како Сојуз, ние и во наредниот период ќе одиме на преговори со сите фирми за наредна година со новите договори да се избориме со уште повисоки цени – изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

На 115 ваги низ државава биле откупени околу 3.000 тони тутун.

– Имаме 10 регистрирани откупувачи, од нив откупуваат 9, 10-от започнува наредната недела. Цената е над 261 денар, мислам дека ова се рекордни цени кои се постигнаа досега во откупот на тутун. Се откупува секаде, инспекторатот е на терен, досега нема пријавено неправилности – изјави Јане Станкоски, директор на државниот земјоделски инспекторат.

ОК на ВМРО – ДПМНЕ:

ТУТУНАРОТ Е НА НЕМИЛОСТ

За посетата на Николоски реагираа, ОК на ВМРО – ДПМНЕ меѓу другото прашаа:

“Дали денес Љупчо Николоски е дојден само да се слика и снима пред камерите, притоа злоупотребувајќи ја маката на тутунарите? Дали денес пред објективот се прикажуваат договорени средби, со договорен откуп на луѓе блиски до СДСМ кои треба вештачки да изразат некакво задоволство од откупот, додека обичниот тутунар е оставен на милост и немилост од државата во ова лошо време?

Кога е веќе тука министерот, нека одговори која е реалната цена на тутунот и дали таа е доволна и одговара со реалните трошоци и маката на тутунарите, каде спаѓаат прескапата нафта и прескапите репроматеријали?”

Loading