ТЕМПОТО И ЖАРОТ НА РАБОТА СЕ ПРЕНЕСУВА

50 години Ортопедско одделение

Ортопедско трауматолошкото одделение одбележа 50 години постоење. Др Борис Иваноски заедно со тогашниот хирург Христо Зојчески  и др Трајче Башески кој што бил максилофацијален хирург, поттикнати и со одобрение на тогашниот директор на Медицинскиот центар Милан Гаврилоски го основале ортопедско трауматолошкото одделение кај старата  болница во првата барака во далечната 1972 година.

По пет децении, одделението е гордост за болницата. Функционира само со четворица ортопеди, од кои само двајца оперираат. Успеваат да се справат со предизвикот и го пренесуваат знаењето. Недостасуваат лекари. Од 4 специјалисти, двајца заминуваат во пензија за неколку месеци, меѓу кои началникот др Илија Јованоски.

– За 9 месеци од годинава направени се 66 протези на колкови и 400 операции. Работиме двајца доктори специјалисти кои оперираме, а другите двајца работат само амбулантски. Остануваат 2 лекари, и има 4 специјализанти, за кои се надевам дека ќе продолжат со истотото темпо и жар како и досега. Не е доволен овој кадар. Се надевам дека управата води сметка и за скоро ќе има нови специјалисти. Задоволсни сме од апаратурата и инстументариумот. Работиме на сите видови протетика, сите видови вештачки колкови, артроскопија на коленото што е највисоко ниво во земјава што се прави. Имаме магнетна резонанца што е многу битна опрема во нашата струка и најдобра метода – вели специјалист д-р Илија Јованоски, началник на ортопедското одделението.

На одбележувањето од половина век постоење присуствуваа колеги ортопеди од целата држава предводени од проф. д-р Виктор Камнар, претседател на македонското друштво на ортопеди и трауматолози. Се одржа и стручен симпозиум.

– Проблеми секогаш имало и ќе има. Важно е со проблемите да се соочуваме директно и да ги решаваме. Македонската ортопедија реално се соочува со проблеми што ги има и ортопедијата во светот. Зошто е тоа така? Оваа гранка во медицината драматично се развива, како во технолошки, така и во медицински правец. Поради тоа мора да се следат сите е новини и трендови. Досега чекорот се држи солидно – изјави Камнар.

Ортопедско одделение е рангирано на четвртото место, после одделите за ортопедија во Клиничката болница во Скопје, во Институтот „Св. Еразмо” во Охрид и во Клиничките болници во Битола, Штип и Тетово.

РАБОТАТА НИЗ БРОЈКИ

Во изминативе пет децении, работеле 18 специјалисти. Годишно се правеле од 20 до 25 илјади прегледи, од кои 11 илјади новоопрегледани, 9 илјади контроли и 4 илјади ехо прегледи на колкови. Се прават од 480 до 550 операции, се санираат од 650 до 700 фрактури и исчашувања и околу 1 500 разни други интервенции.

ПИОНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Прв во Македонија во 1989 година на прилепската ортопедија др. Трајче Бошкоски со ултра звук правел ехо сонографија на колкови на деца. Пред  25 години др. Илија Јованоски почна со артроскопија на колено, што беше пионерски чекор во државава, а во 2000 та година била направена артроскопска операција на преден вкрстен лигамент.

Loading