ПОВИСОКИ ЦЕНИ ЗА 20 ОТСТО

Тутунскиот комбинат ги отвори откупните пунктови

Тутунарите веќе се на вагите за проценка за родот на тутунот од годинешната берба. Дел од откупните компании ги отворија пунктовите во предвремениот рок, 15 ноември. Тутунарите велат дека проценката е реална, но цените не ги покриваат трошоците, покрај растотза 20 отсто. По класи, зголемувањето е за прва од 280 на 300 денари, за втора од 200 на 240, за трета од 150 на 180 денари и за четврта од 85 на 100 денари за килограм тутун.

-Предадов 230 кг. тутун од сите берби. Задоволен сум од проценката, но не и од откупната цена по класи. Според вложениот труд и знаењето, просекот  треба да биде околу 400 денари. Намалените количества тутун годинава се должат на цената. За младите не е исплатливо, оти има давачки за аргати, нафта, репроматаријали, ѓубрива… Доколку не се подобри цената, ќе продолжи намалувањето на производството – вели Звонко Ристески.

Директорот на Тутунскиот комбинат, Кире Станкоски нагласува дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количества тутун и веднаш да ги плати. Отворени се 20 пунктови во градот и селата.

– Имаме околу 4 000 кооперанти. Очекувам добар откуп. Исплатата ќе биде по преземањето на родот. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи. Годинава го извлековме максимумот. Се надевам дека догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот – изјави Станкоски.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија смета дека откупувачите брзаат да го преземат родот зашто е помалку и квалитетен. Според него, зголемените цени, колку-толку ќе ги амортизираат трошоците.

Годинава се очекува род од околу 19 000 тони.

Loading