ПРЕДИЗВИК ВО ОТКРИВАЊЕТО НА НЕПОЗНАТОТО

Душко Темелкоски, археолог, добитник на третоноемвриска награда

“Наградата, иако се доделува за постигнувања во последната година, за мене претставува сатисфакција за сé досега сработеното во моите 26 години работа како археолог. Да се добие награда од најблиските, кои добро те познаваат, а тоа е родниот град во кој живеам, е навистина огромна почест”.

Вака вели археологот Душко Темелкоски, кому му беше врачена наградата Трети ноември на градот.

Според него, наградата е дополнителен мотив да се вложува уште повеќе во идните истражувања на нашето богато минато. А за тоа која била причината да стане археолог и што значи да се трага по културното наследство, Темелкоски вели дека му е многу драго.

– Како завршен матурант размислував меѓу психологијата и археологијата. И двете науки се истражувачки, и предизвик во откривањето на непознатото. Сакав да ги истражувам луѓето преку анализата на нивните карактери.  Драго ми е што ја одбрав археологијата со која ги истражувам длабоките слоеви на минатото, копајќи под земјата. Минатото отсекогаш ме влечело, како, што и зошто се случило? Нашата земја, Македонија, со својата географска позиција претставувала значајна крстосница низ столетијата. Каде и да се копа, на секоја педа земја, а и под неа, се кријат трагите од минатите времиња, праисторијата, антиката и средниот век. Да се трага по културното наследство е привилегија, особено како археолог. Не се опишува чувството кога држам некој ископан предмет од под земја, монета, биста, оружје, дел од накит, а кој пред стотици или илјадници години припаѓал на некој човек кој живеел на овие простори. Со откривањето на предмети ја склопуваме претставата за секојдневното живеење во далечните времиња – вели археологот.

Според него, сите движни наоди, предмети, кои се откриваат со археолошките истражувања се соодветно третирани, односно го наоѓаат своето место во музејските збирки.

– Највредните, репрезентативните, се изложуваат во витрините на музејските сали. Секој може да ги погледни. За жал, ситуацијата на терените не е сјајна. Освен неколку археолошки наоѓалишта, како што се Скупи, Хераклеја, Стоби и уште неколку, го имаат третманот што го заслужуваат. Другите не се заштитени како што треба. Просторот не е заграден, градбите не се конзервирани, нема изградено соодветна инфраструктура (патеки, обележја). Причина е што тешко, речиси никако не се наоѓа решение околу преземањето на парцелите од сопствениците, на кои се наоѓалиштата. Додека парцелите се во приватна сопственост, не може целосно да се истражува теренот и откриените градби да се конзервираат – објаснува Темелкоски.

Стибера, крај Чепигово е негов долгорочен проект.

-Максимално е истражен државниот простор. Понатамошните истраги и конзерваторски работи зависат од решавањето на проблемот со имотите. Сотогаш, Стибера нема да блесне. Ќе нема ограден простор според кој ќе се знае дека има вреден археолошки локалитет. Откриените градби нема да бидат соодветно конзервирани, заштитени, обележани. Ќе нема уредени патеки. Понатаму наоѓалиштето ќе биде обраснато со трева. А, од античкиот бисер се веќе откриени Гимназионот, Храмот на императорите, Храмот на заштитничката на градот Тихе и, единствена досега во Република Македонија, во Стибера е откриена административната зграда на главниот градски плоштад – агората. Без обележја, без уреден простор, без недоконзервирани градби, Стибера ќе ги разочарува намерниците посетители. Желба ми е да го пронајдам вториот по важност град во прилепскиот дел од Пелагонија покрај решавањето на Стибера. Тоа е истоимениот град, главен град на античките Пелагонци. Во неколку кампањи веќе истражуваме на две можни локации каде би бил градот Пелагонија. Едната е помеѓу селата Подмол и Бонче, а другата меѓу селата Прилепец и Волково. Оној ден кога на една од овие две локации ја ископам камената плочка на која ќе стои врежано името на градот Пелагонија, ќе бидам најсреќниот археолог после Индијана Џонс – додава Душко Темелкоски.

Loading