СЕ ПЕНЗИОНИРА ДОКТОРОТ САФО, АМА МУЗИЧКИ

д-р Благоја Димески, анестезиолог и вљубеник во музиката

Ги фрли музичките инструменти докторот Сафо. Познатиот анестезиолог д-р Благоја Димески ја батали музиката. Ги стави на пауза свирките. Со тешко срце се откажа од она што за него значеше релаксација, хоби и забава. А за прилепчани ќеф кој не се мери со ништо. Пред триесеттина години немаше свадба во Прилеп, а на која не свиреше докторот Сафо со групата Прилепски еснаф. Вистинска среќа беше да се најде слободен термин кај бендот да се збогати семејната веселба. Кажа не на јавните настапи кои се прераскажуваа заради атмосферата со години. Незаборавни и највесели беа дочеците на новите години и други манифестации на кои за музиката беа задолжени “специјалистите” на својот занает, предводени од анестезиологот Благоја, познат како Сафо. Докторот сега не свири за други, туку само за себе и блиските во семејството.

– На се има крај. Можеби и не планирав. Дојде спонтано со корона кризата, а можеби и дека сме многу редуцирани како специјалисти, анестезиолози во прилепската болоница. Секој викенд сум ангажиран на дежурства. Физички веќе не е можно да се стигне. Се чудам како сум го усогласувал сето тоа повеќе од 40 години – објаснува д-р Благоја Димески, анестезиолог и вљубеник во музиката.

Активен беше на музичката сцена повеќе од четири децении. Зад себе има стотици настапи, свирки кои траеле од 20 часот до 5 сабајле.

– Не може да речам дека не ми недостасува свирката. Доаѓаше викенд, сабота, недела и бев на штрек. Се прашував каде настапувам вечерва. Еден распоред, односно бележник за свирки, а другиот за дежурства. Петнаесет години одев како специјалист, анестезиолог и во болницата во Кичево, во Битола и во Кавадарци. На почеток, откако специјализирав, имав и по 4-5 дежурства едно по друго. Од свирка, на дежурство, дома врати се истуширај се, и замини повторно – се сеќава Димески. 

“Крастата” за музиката ја “чеша” сам дома. Поточно со внуката која му прави друштво.

– Ги испродадов сите инструменти. Оставив само една клавијатура. На неа седнувам најчесто да свирам наутро, по враќањето од дежурство. Свирам за своја душа. Внуката Талија има талент и желба за музиката. “Свириме”заедно и таа ги крева рацете и вели опа-иха. Порано постојано морав да учам нови песни, за да се претставуваме пред публиката. Ми се допаѓа сета музика, но не го сакам турбо фолкот, за себе свирам интрументална. Сме биле приморани да учиме нешто, без ќеф и да свириме, оти ја барала публиката – вели Димески.

Во сите тешки, напорни, стресни ситуации музиката му била вентил за релаксација. Лек на докторот.

– Анестезиологијата е стресна и одговорна. Најдувам лек во музиката. Секој мора да има некој вентил да има здрава душа, здрав дух, покрај сите придржувања за здрав живот. Нешто што му прави ќеф на душата, да си даде оддишка, сите мисли да се фрлат настрана – вели Димески.

Не сака прецизно да одговори како се чувствува поубаво, како музичар или доктор.  Вели дека за тоа доказ е публиката, односно пациентите.

– Успешен сум во двете работи. Знам дека сум им помогнал на многу пациенти. По години ме потсетуваат дека сум им помогнал, сум го спасил. Има луѓе кои го гледаат само материјалното, но јас никогаш не тргнував од тоа. Сум имал можност и сум бил баран да одам и во други приватни болници во државава и странство, но не сум заминал. Го сакам Прилеп. Врзан сум за градов како еснаф, човек со музиката. Ме “држеле” и родителите, ми значи семејството и близината со сите членови. И сега, кога би можел да ја повторам животната патека, ништо не би менувал. Можеби можев да го материјализирам трудот повеќе, но не се каам – вели Димески.

Љубовта кон музиката му се родила спонтано. Живеел во весело семејство иако немало ниту еден музичар. 

– Татко ми имаше тарамбука на која на собиранки се тропаше. Имав хармоника сувенир, која ја тегнев како дете. Така почна музичката кариера. Доста научив од Славчо Мирчески. Уште постои брендот “Прилепски еснаф”. Остана, а во него има само еден член од стариот состав – вели Димески.

Потајно негува надеж дека еден ден кога ќе дочека длабока старост,  можеби ќе пее и свири во некое пензионерско музичко друштво.

И ПАЦИЕНТИТЕ ПЕАТ

Има многу анегдоти од онаа дека кога се разбудил пациентот од анастезија мислел дека е на свадба, а не во болница кога го видел лицето на свирачот над глава. Но често се случувало и да му пеат пациентите.

-Колега музичар се оперира со локална анстезија и му пуштам музика на слушалки. И почнува гласно да пее, а колегата хирург ми вели, што му направи, овој пее, не можам да работам. А јас му одговорив, такви се моите пациенти, музичари. Друг случај на кој се сеќавам колега во пред операциона сала почна да пее, кога слушнаа колегите сите се собраа да слушаат.

Сафо или Благоја?

Низ чаршија го викаат докторот.

– Прекарот ми е од татко ми Сафе, генерациски се пренесувал. Така ја викале и фурната. Еднаш по телефон на локал меѓу одделенијата во болницата, се претставувам, овде д – р Димески, а од другата страна, молк. Се коригирам и велам на сестрата овде Д – р “Сафоски”. А таа ми вели, добро, добро, кажете докторе, се збунив?!

Loading