ДВЕ НАГРАДИ НА ДЕНОВИТЕ НА КОМЕДИЈАТА ВО КУМАНОВО

Театарот “Војдан Чернодрински” освои две награди на 25 -тиот фестивал Денови на комедијата во Куманово. Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобар актер (за улогата на слугата Пеце во претставата “Да инспекторе, претстава со грешки”), а Илина Ангеловска за најдобра сценографија во истата претстава. Одлуката за наградите ја донесе жирито.

Ѓорѓиевски вели дека ова му е прва поголема награда за актерска игра.

 -Баш ми е ќеф што доаѓа на фестивал каков што е кумановскиот. Кумановчани се луѓе со неверојатен смисол за хумор и чувство за комедија. Наградата оттаму има бонус значење. Во претставата влетав на двапати. Еднаш пред премиерата, во улогата на Јосе и сега вторпат на фестивалот, во улогата на Пеце (на местото на Катерина Чакмакоска – Клинческа). Не учествував во подготовките целосно, поради други ангажмани. Соработував со задоволство со Синиша. Го замолив да влезам, да се моткам во заднината и да помагам. Сега вторпат, ја менувам Кате, и со огромна помош и трпение од сите колеги, ете веројатно сум ја заменил Кате без да и ја уништам феноменалната улога.  Како и да е, благодарност до сите кои го препознаа трудот, кои помогнаа и веруваа во мене – изјави актерот Димитар Ѓорѓиевски.

“Да инспекторе, претстава со грешки” во режија на Синиша Ефтимов е хит претстава која од премиерата досега е одиграна над 15 пати.

Следната изведба е вечерва од 19.30 часот.

Loading