СИРОМАШНИ, НЕ „УБОГИ“!

Ѕвоневме во ТВ 24. Не може да се добие врска. Прашуваат оттаму дека ако сакаме да разговараме со новинари да притиснеме “еден”. Мислејќи дека белки некој од новинарите ќе каже како да се поврземе со лекторот, добро. Притискаме “еден” и ништо не добиваме. Се исклучува врската. Повторуваме, исто. А сакавме да прашаме како може да се допушти онаков лош превод на серискиот филм “Додека селото спие”. Грешки има и во сите емисии и во вестите, но ова е нешто неверојатно. Зар баш никој не одговара за ваквата неодговорност? А дали е овој ваков превод само неодговорност или незнаење? Тој што не знае прашува. Тој што не знае дека не знае си тера и го “брани” македонскиот јазик.

Да не зборува напразно. Ќе приведеме неколку примери, неколку несфатливи грешки. Постои таму сиромашно момче со ограничени ментални способности. Го убиле. Се шират вести: “Го убиле убогиот”. Слушаме реченица: “На кого му пречел тој убог”? И така, којзнае колку пати чувме – убог, убогиот, убогите. Слушаме и се чудиме, од каде го најде преведувачот овој збор. Зар толку не слушнал за нашите зборови – сиромашниот, бедниот, кутриот? Само сиромашно познавање на македонскиот јазик може да го земе овој збор (убог) кој кај нас нема никаков корен и не значи ништо.

Таму во серијата, еден полупијан човек сака уште да пие. но нема пари. Бара низ куќата, шурка по фиоките. Вели: “Можеби некаде се затурила некоја копејка”. Што значи во нашиот јазик тоа – “се затурила”? Речиси ништо. Имаме ние глагол “тура”, на пример “Тура дожд”, “Тура ракија во чашата”, “Го тури житото од вреќата во амбарот” и многу такви. “Затури” може евентуално да значи дека некој почнал да тура, или за дождот – “Кога затура, не престана цел ден”… Поретко се користи тој збор, но нема никаква врска со она што го бара човекот низ куќата. Тој бара со некаква надеж дека можеби ќе најде некоја “зафрлена” копејка некаде. Да, ЗАФРЛЕНА, не ЗАТУРЕНА. Ова не потсети на една поодамнешна рецензија за театарска претстава. Рецензентката беше ставила наслов “Затурени артисти”. Сака да каже дека артистите биле зафрлени. Режисерот сакал да ги експонира своите режисерски егзибиции. Па ете рецензентката вели дека артистите биле ЗАТУРЕНИ. Исто како сега, кога нашиов преведувач, зборува за ЗАТУРЕНИ копејки.

Грешките во серијата не се доброваат. А тие и не се само лексички. Ги има од секаков вид. Просторов малку ни дозволува. Еве, уште некоја. На еден господин му се поставува прашање : “Зошто си тмурен”? ТМУРЕН! НАМУРТЕН, НАМРШТЕН, СМУРТЕН и можеби уште некој збор со вакво значење. Преведувачот го избрал српскиот збор – ТМУРЕН.

Неброено пати се употребува изразот: “Се шират гласини”. ГЛАСИНИ, со таков строеж е чисто српски збор. Ако го преведеме буквално ќе значи – ГЛАСИШТА. Но, тој не ја задоволува потребата. Во нашиот јазик би се рекло: “Се шират слухови”. Значи, нешто се наслушува, се потслушнува, се насетува. ГЛАСИНИ – не оди и не смее да оди. Исто како што не оди и не смее да оди изразот “Немојте да цепидлачите”, што го слушаме во филмот. Пак српски збор. Зошто? Што значи тоа – ЦЕПИДЛАЧИТЕ? “Длака” на српски е влакно, нели? Е, некој го цепи влакното. Тоа е буквалното значење, а се користи во ситуации кога се сака да му се каже некому дека е ситничав, ситничар, дека премногу бара грешки во многу работи. И нам лично ни прикачувале такви етикети. Во врска со јазичните грешки сме оделе премногу во ситничарење. Ние не мислиме така. Јазикот е идентитетско прашање и треба да се знае убаво. Особено да се внимава на србизмите за кои мнозина не се свесни дека тие зборови не се наши.

А зборот ЦЕПИДЛАКА, исто така, не е наш. Некои го преведуваат буквално “цепивлакно”. Нема никаква потреба од тоа. Ситничар ја задоволува потребата.

Loading