„МИСТЕРИЈА БУФО“ НА СЦЕНАТА

Во театарот

Во театарот “Војдан Чернодрински” интензивно се подготвува претставата “Мистерија Буфо” во режија на Андреј Цветановски, кој првпат соработува со нашиот театар. Премиерата се планира наскоро.

– Се договаравме со театарот за тоа што би работеле. Повеќе текстови се сменија и на крајот се задржавме на “Мистерија Буфо”, според Дарио Фо, бидејќи е материјал  што овозможува креативност и создавање на сцени кои доаѓаат од импровизациите на сцената. Пишуван е како дел од референци на средовековен театар, што е доста заборавен во историјата, а сепак носи интересни форми. Тоа се мистериите, кои средновековните актери ги играле на плоштадите да ги величаат чудата. Низ таа призма ќе се обидеме да раскажеме приказна за театарот, каков бил тогаш и колку тој театар денес носи исти работи. Се обидуваме да создадеме структура, која низ сцените ќе раскаже приказна што ќе е интересна – вели режисерот.

Според него, театарот се случува овде и сега и не е можно ниедна  приказна да не се раскаже овде и сега.

– Претставата ќе има асоцијации и ќе биде модерна комедија со апсурдни призвуци, комедија со горчлив вкус. Ќе биде колективен чин на создавање. Актерската екипа најдобро ќе ги создаде сцените, бидејќи мора да има единство. Ќе создадеме радост на играта, што публиката се надевам ќе ја почувствува – додава Цветановски, кој е среќен што првпат соработува со нашиот ансамбл во кој вели имало единство во играта.

Ќе играат Марија С.Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески, Наташа Ачански и Ангела Наумоска.

Сергеј Светозарев ќе биде автор на сценографијата, Марта Дојчиновска на костимите, драматургијата и преводот е на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а музиката на Томе Темелкоски и на екипата.

Loading