ЕУ Е БЛУДНИЦА ВАВИЛОНСКА, ВЕТУВА – НЕ ИСПОРАЧУВА, А НИЕ МОРА ДА ПРЕГОВАРАМЕ 

За независноста: Илија Велкоски – Ѕаната, историчар на уметност и претседател на ОО на СБМ на Прилеп

По повод 8-ми Септември, Денот на независноста и 31 годишниот пат на Македонија, го пренесуваме ставот на Илија Велкоски – Ѕаната, претседател на ОО на Здружението на борците на Прилеп како човек со големо животно и  стручно искуство како историчар на уметноста.

– Македонија, за жал, овие 31 година оди низ својата независност низ трње. Многу тешко и проблематично, бидејќи нé условуваат многу држави за нашата независност, јазичност, идентитет. Не се многу поволни и добри сите договори правени од Македонија со ЕУ. Со Лисабонската декларација нé прекрстија во ФИРОМ, потоа нé уценуваа Грците со максималистички барања да го смениме идентитетот.  Ги издржавме притисоците. Потоа дојде подобра понуда во 2008 г. да бидеме Република Македонија (Скопје). За жал, не ја прифативме шансата со која имаше можност до сега да влеземе во ЕУ. Уште повеќе нé уценуваа со влегувањето во НАТО и Преспанскиот договор, со кој го сменивме дел од името. За среќа, останавме со идентитетот и со јазикот, непроменети и признати од ЕУ и ООН.

Политичката стурктура во државава не е битна која е. Важно е што Европа не ги испорача ветувањата за Македонија. Не случајно македонскиот народ ја нарекол ЕУ- блудница Вавилонска, бидејќи не се држи до договорот. Ветија многу да бидеме дел од ЕУ и да ги осетиме благодетите кои ги почувствуваа со влегувањето земјите од Источниот блок.

Си поигруваат со нас затоа што како држава немаме “грб”, поддршка. Ние сме формирани 1944 г. како официјална држава. Хрватска и Словенија имаа грб во Австро – Унгарија, Србија од Кралството на Англија, Црна Гора од Франција, зад Албанија стоела Италија, зад Бугарија – Германија. Зад нас немало кој да стои, бидејќи немаме држава. За среќа, Американците имаат некаков интерес на Балканот. Благодарение на нив Формирани сме како држава. Инаку, досега можеше да нé поделат меѓу Албанија, Србија и Бугарија. Големата среќа е што Американците се заинтересирани за нашата држава. Така успеавме да го сочуваме името и да се формираме како држава со референдумот на 8-ми септември во 1991 година.

Во 1944 година Македонија првпат станува суверена држава во состав на југословенската федерација. Нашиот јазик и идентитет се признати 1946 г.  во ООН кога се формираат 190 држави, меѓу кои и југословенската држава составена од 6 републики и 5 народи, меѓу кои и македонскиот. 

Македонија во 1941 година е окупирана од фашистичка Бугарија. На 9 септември 1944 г. е првото ослободување на Прилеп и формирана е малата република која траела 10 дена. А конечното ослободување е на 3 ноември. На 8 септемврии, руската армија влезе во Бугарија и ја принуди на капитулација. Колку се превртливи Бугарите, до 8 септември беа со Германците, а од 8 со Русите и отворија војна против Германците. Да се ослободи од бугарската фашистичката окупација, да формира сопствена држава да се ослободи Македонија се поднесени 26 илјади жртви во Втората светска војна.

Бугарите жестоко се бореле против партизаните и создавањето на држава во Македонија, бидејќи ни стојат 150 години на патот за нашата независност, јазична автономија, култура, образовние и, во крајна линија, политичко обединување на Македонија.

Со Договор што е постигнат меѓу Македонија и Бугарија, работи  историската комисија за значајни личности и настани кои Бугарите сакаат да ги вметнат во нашата европска интеграција како заедничка историја. Не знам која е таа заедничката историја. Од средновековието до 19 век, некаде околу 100 години сме биле под бугарска власт. Тоа не значи дека сме бугаризирани или сме Бугари. Обратна е ситуацијата. Важен е податокот дека до крајот на 9 век, надворешен јазик за комуникација на Бугарија е грчкиот јазик и грчкото писмо. А, тие сакаат да се прикажат дека се доминантни во словенштината. Бугарите со сила ја фалсификуваат историјата. Кирил и Методија не се Бугари. Затоа при споменувањето на Кирил и Методиј реагиаат и Словаците.  

Комисијата ја работи својата работа. Не мора да се слушаат дневно политичките работи од Бугарија. Не знам дали е договорено дефинитивно за заедничкото чествување за Цар Самоил. Бугарите ја искористи политичката и пишаната историја. Самоил не може да биде бугарски цар. Не формирал класична држава со сите елементи. Да не го спомнуваме историскиот факт од 969 година и црвените чевли кои биле шетани во Цариград, со што била понижена бугарската царштина.

Ниеден договор не е добар за Македонија. Ниту последниот, со кој сме уценети да преговараме со ЕУ под диктат на Бугарија. ЕУ е клуб на повеќе држави. Ги штити членките.  Зар, не знае ЕУ дека Бугарија била во Втората светска војна дел од централните сили?. Сите знаат. Ова е светска напишана историја, која понекогаш се изигрува.

Ние сме аспиранти за влез во ЕУ и мораме да преговараме. Тое  единствен начин. Ако не преговараме, ќе нí ги скратат сите бенефити, ќе нí воведат визи и друго.  Ги бранат своите членки. Комисијата мора да преговара, но во точките за преговори за влез не е влезен и историскиот факт. Бугарите пишуваат во свој интерес, но историскиот факт не е влезен во условите за преговарање. Тоа значи дека можеме да преговараме со години, а да почнат преговорите уште утре.

Под вакви услови, како што сме уценети сега, јас би престанал да преговарам и разговараме со Бугарите за историјата. Но изгледа постојат клаузули дека мора да преговараме. Бугарите на отворањето на секое поглавје може даи ставаат вето. Затоа во ЕУ се разговара за исклучување на ветото, не само за нас, бидејќи им прави проблем. Претстои реорганизација на ЕУ. Сметам дека за десеттина години ќе се поделат на елитисти и останати.

Ние можеби ќе влеземе за десеттина години. За јазикот и индентитетот има црвена линија од која не треба да се мрдне.

БОРЦИТЕ ЗАМИНАА, ОСТАНАА ПОДДРЖУВАЧИТЕ

-Борците го изгубија приматот, иако фигурираме како СБМ, сега сме невладини организации, здружение на граѓани, поддржувачи и продолжувачи на традициите и на настаните од 1941-45, па и од илинденскиот период. Треба да има повеќе вакви здруженија за да се негува традицијата. Во СБМ има малку преживеани борци, меѓу кои и повторно избраниот претседателот, 100 годишниот Никола Стојаноски.                                            

Loading