ИНВЕСТИЦИЈА ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СОНЧЕВА СТРУЈА И ТОПЛОТНИ ПУМПИ

Во Тутунскиот комбинат

– Фотоволтаици од еден магаватчас струја ќе задоволат голем процент од потребите

Поради сé повисоката цена на струјата која од лани до годинава во Тутунскиот комбинат пораснала петпати, компанијата ќе се задолжи со два милиони евра кредит за инсталација на фотоволтаични колектори на покривот на цигарната фабрика и од магацините за производство на струја во количина од еден мегаватчас, со што ќе се задоволат потребите од сопствено производство. Првите киловати струја од сонце се очекуваат околу Нова година. Според пресметките на стручњаците, со сегашната цена на струјата од 350 евра за мегаватчас, инвестицијата ќе се врати за 29 месеци. Ако цената на струјата скокне, како што има најави, и за покусо време.

Рокот за отплата е две години.

Комбинатот вложува и во инсталација на топлотни пумпи за греење и ладење во цигарната фабрика и ќе го напушти нерационалниот и застарен начин од шеесеттите години од минатиот век.

Конечната одлука се очекува од собранието на акционерите во октомври, каде доминира државниот капитал.

Директорото на Комбинатот, Кирил Станкоски, вели дека со оглед на глобалната и светската криза во производството и цената на електричната енергија, неминовно Комбинатот, како и останатите компании, вложува за сопствено производство.

– Целта на инвестицијата е производство на струја за нашите потреби. Плус, заштедите со топлинските пумпи, ќе се задоволат потребите од сопствена струја и ќе се намалат трошоците за нашето производство. Ги презедовме овие чекори поради високите сметки за струја. Ќе вложиме во производство на струја за сопствени потреби на нашите површини од 8000 м2 покриви со погодна експозиција. Минативе 7-8 месеци интензивно работевме и произлезе дека на просторот на цигарната фабрика имаме одлични услови да се вградат фотоволтаици од 1 мегаватчас. Сите процедури се завршени. Претстои препокривање на магацините и поставување на фотоволтаиците. Обезбедуваме огромен дел од потребите со сопственото производство на струја – објаснува Станкоски.

Потребите на Комбинатот на годишно ниво се околу 1,2 мегаватчаса.

– Месец за анализа е јули, кога цената на слободен пазар во Унгарија е 350 евра за мегаватчас и плативме 4,8 милиони денари, а лани во јули само 800 илјади денари. Треба да платиме 4 милиони повеќе. Загриженоста расте, бидејќи има тенденција цените да скокнат до 500 евра. Правејќи споредба со инвестицијата и цената на мегаватчас, вложувањето е исплатливо. Обезбедени се 2 милиони евра кредит за фотоволтаиците и за топлинските пумпи. Плус, располагаме со сопствени трафостаници – објаснува Станкоски.

Проектот во втората фаза содржи инсталација на топлинско-ладилни пумпи.

 – Начинот на загревање и ладење е застарен, од 1969 година, а претендираме да штедиме енергија преку пумпите и да произведуваме струја за сопствените потреби. Калкулациите и пресметките на службата за план и анализа  излегоа дека инвестицијата ќе биде исплатлива за 29 месеци. Ова е одличен период да се вратат вложените средства, кои планираме да ги земеме како кредит. Ќе бидеме компанија чиј производствен процес никогаш нема да е доведен под знак прашалник. Инвестицијата е со одлука на Бордот на директори и со поддршка на стратешкиот партнер – вели Станкоски.

Процесот на избор на изведувачи е вообичаен, исклучиво со јавни повици, кои ќе понудат најдобар квалитет и конкурентни цени. После собранието на акционерите на 5 октомври, се организираат јавните повици.

Се негува надеж дека во декември или за Нова година да се инсталираат фотоволтаиците, што зависи и од подготвеноста на компаниите кои ќе го добијат тендерот.

Loading