КОЛЕКЦИОНЕР НА СТАРИ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ

Антонио Гешоски (29),

Колекција од 3 500 стари мобилни телефони со 500 различни модели скромно чува прилепчанецот Антонио Гешоски кој не само што е колекционер, туку и сервисира телефони. Уредот за повици во движење кој вртоглаво достигнува технолошки напредок за него е предизвик, хоби. Завршил Технички факултет во Битола.

Десет години се занимава со поправка на апаратите. Го интересираат апаратите и покрај бизнис, станале и негово хоби. Ги собира, знаејќи дека еден ден ќе ги снема, ќе бидат застарена технологија. Повеќето телефони од колекцијата се исправни, работат, но не ги задоволуваат потребите на сопствениците. Многу веќе не се произведуваат, затоа што излегле помодерни “генерации”. До примероците доаѓа на разни начини. Некои ги купува, а некои едноставно му ги подарувале сопствениците кои веќе не сакаат да ги користат затоа што не им се функционални.

– Меѓу 3 500 парчиња има и такви кои не се поправале. Имам различни модели меѓу 400 – 500 видови, Нокиа, Сони Ериксон, Сименс и др. Некогаш тренд било и се одело на дизајн. Немало апликации, достигнување било телефон со  вибрации, полифони мелодии и тоа беше се – објаснува Антонио Гешоски (29), колекционер на стари мобилни телефони.

Некои се многу ретки. Луѓе доаѓаат и му ги отстапуваат старите телефони кои ги заменуваат со нови смарт модели.

Збирката ја создал со работата, но откупува и по огласи.

– Најстариот модел е Моторола стартак од 1996 г. На инстаграм ги имам  објавено фотографиите од поинтересните модели и годината на производство. Има доста специфични модели. Првите телефони во боја, првиот телефон со тастатура, Сони Ериксон, на кој се додава од страна камера. Некои ги купувам, некои ми нудат телефони кога ќе ја видат колекцијата. Ми ги нудат, оти немаат употребна вредност, но друга е колекционерската вредност. Во Македонија нема толку бројна колекција. Има во Охрид лице кое се занимава со препродажба на телефони, но има 30-40 телефони – објаснува Гешоски.

Раскажува како порано повеќе се внимавало на дизајнот. Тоа се нудело на пазарот. Сега технологијата оди брзо. Старите модели имале ограничување за бројот на меморирани повици, контакти. Порано имало Нокии кои изгледале како акумулатор од Веспа.

– Корисниците сега в џеб носат телефон од 1 500 евра, со кои може да се снима филм. А порано мобилниот телефон имал само тастатура – вели тој.

За професионална употреба заговорник е за одделни апарати за снимање, сликање итн. Но, за него телефонот е алатка и потреба.

– Не можам да функционирам без него, да се прати меил, да се прави нарачки, ми треба телефонот, оти е како компјутер – вели Гешоски.

Нема некоја намера со колекцијата, освен да ја збогатува.

Задоволен е со работата. Ја следи технологија, меѓу првите купил машина за репарирање на стаклото на телефоните.

ТЕПАЧКА ЗА НОКИА 8800

Многу ретки се Нокиа 1110, а пред десетина години на пазарот за стари телефони многу била барана Нокиата 8800 кои биле многу ретки апарати, а на кои им се вадел чипот. Ја имал таа карактеристика да се пишуваат и бришат податоци. Се користел за некои нелегални активности и достигнал цена од 7 – 8 илјади евра. Ги вчитувал податоците од картичките на банкоматите.

Loading