СДСМ – ВЛАДАТА ИНВЕСТИРА КАКО НИКОГАШ ПОРАНО

Политички престрелки за септемвриското ѕвонче

“Инвестирањето во современа образовна инфраструктура е вложување во иднината”. Ова го вели Кети Стевананџија, член на ОО на СДСМ.

 Според неа, инвестициите на Владата, Министерството за образование и на претходната локална власт на СДСМ во реконструкција и набавка на информатичка технологија, инвентар за кабинети и за друга опрема за основните и средните училишта, беа поголеми од било кога претходно.

– Со реконструктивни зафати беа опфатени сите училишта во општинава. Одлична беше соработка со повеќе странски институции со значаен удел во финансирањето на проектите за училиштата. Опремување и адаптација на кабинетите, уредување на работилници за изведување на практичната настава, поставување нова дограма, санација на ѕидови и електрична мрежа, промена на подови и термо фасади, реконструција на тоалети, дренажа, молерисување на објектите, се дел од активности за подобрување на условите за изведување и следење на наставата – вели Стевананџија.

Потенцира дека е добро што Јовчески се сетил дека почнува новата учебна година.

– Ќе беше уште подобро ако признаеше дека инвестициите се дело на претходните директори. Го охрабруваме да ги види сите основни и средни училишта за да знае кој пат да го следи при инвестициите во образованието. Да го види променетиот лик на Гимназијата, во која за само 3 години беа вложени еден милион евра. Да ја види новата училишна сала во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, градена со 400 000 евра од МОН и реконструкцијата на фасадата и промената на внатрешната столарија во СОУ “Орде Чопела” за 200 000 евра од МОН. Да го посети и ОУ “Блаже Конески” каде е извршена санација… за 190 000 евра, да појди во СОУ “Ѓорче Петров” кое е реновирано од темел за 200 000 евра – вели Стевананџија, прашувајќи зошто го нема ветениот бесплатен оброк за учениците до четврто одделение и каде се бесплатните училишни униформи за учениците од социјално загрозените семејства.

Loading