АДРЕНАЛИНСКИ ВИКЕНД ВО ПОРЕЧЕ

На 1 и 2 јуни

За вљубениците во природата, велосипедизмот, планинарењето, есктремните спортови како што се теренските возила и моторциклите, центар ќе биде Поречието, Самоков, Македонски брод на 1 и 2 јуни. Третпат ќе се одржува манифестацијата “Самоков екстрим”.

Атрактивните дисциплини привлекуваат неколку илјади мераклии на чистата животна средина и вкусовите на традиционалната храна. Организаторите ги повикале домашните производители на здрава храна на гостите да ги понудат вкусовите на традиционалните производи.

Локалните власти апелираат за навремено резервирање на сместување или предлагаат кампување на фудбалското игралиште во Македонски брод.

– Главната цел е развојот на туризмот во Порече и ставање на селото Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам. Учесниците ќе можат да ги презентират спортските вештини во возење со теренски возила (џипови), со мотокрос, со АТВ возила и планинарење. Се очекуваат повеќе од 500 вљубеници во природата и авантуристи. Ќе има и  културно забавни активности. Македонски Брод, покрај ресурсите за развој на руралниот туризам, има можност за хербален туризам. Значаен сегмент за промоција на Поречието е адреналинскиот туризам – изјави Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

– Во Самоков ќе има екстрим и велосипедската трка Вело Че низ Порече. На 1 јуни ќе има ревијален дел, а официјалното отворање е на 2 јуни,  за кога се планирани повеќе тури како спортски дел – рече и Вања Димоска од ЛС Македонски Брод.

Ќе се организира велосипедската тура “Вело Че низ Порече”. Новата локација “Од другата страна на Поречието” е со старт од селото Извор до селото Могилец и назад во должина од 35 км.

За вљубениците во планинарењето организаторите обезбедија превоз од Прилеп до Самоков и назад.

– За откривање на убавините на Самоков и Поречието за љубителите на планинарењето ја одбравме планината Добра вода со кружна патека од 15 км. која почнува и завршува во Самоков – рече Маријана Георгиевска од Здружението Пелагона прва.

– Патеката е лесна, авантуристичка, од селото Самоков до Долно Ботуше и назад. Може да учествуваат сите мотори за теренско возење со заштитна опрема. Очекуваме 50 до 60 моторџии – вели Дејан Пеливаноски.

Прв пат ќе се вклучуваат и теренските возила 4×4 возила.

– Патеката е 65 км., наменета за теренски возила од авантуристички карактер. Се тргнува од Самоков, а крајната точка е Манастирот Свети Никола. Таму има организиран ручек, а потоа враќање по истата патека. Да уживаме во природните убавини – порача Благоја Конески од Оф роуд клубот од Прилеп.

Организатори се локалната самоуправа на Македонски Брод, здруженијата Форум за авангардна креативност, Вело Че и Самоков екстрим,  за мотокрос Хартен Дуро, за спорт со теренски возила Оф роуд од Прилеп, и планинарското, Пелагона прва.             

Loading