ИЗЛОЖБА НА ДЕВЕТ СЛИКАРИ

Во ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков” вечерва од 19.30 ќе биде отворена изложбата на девет сликари, насловена “Убавината како хармонија и единство на противречностите”. Ќе се видат делата на  Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана А. Трпческа, Ванчо Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева Ергас, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска.

Според кураторот Викторија Димеска, неопходноста од разгледување и редефинирање на различните сфаќања за суштината и улогата на естетската категорија убавина во современата епоха преку уметноста, како најсоодветна алатка за нејзино проучување, претставува основен мотив на проектот -”Убавината како хармонија и единство на противречностите”.

-Во ликовната уметност се разликуваат три вида на хармонија на елементите – хармонија по аналогија, хармонија по функција и хармонија по идеја. Суштината на општочовечките вредности, како и нивното настанување, прифаќање и опстанок, претставуваат предмет на проучување на естетиката. Тие најчесто се условени од разните историски текови кои доминираат во културата. Во суштина, естетските идеали се “јавуваат и настануваат како хиперболизација на најдоброто”. Коренот на естетскиот концепт, според кој убавината се дефинира како хармонија и единство на противречностите, проникнува од учењето на античкиот филозоф Хераклит. Во раните филозофски сфаќања, убавината се поврзувала со умереност, воздржаност, хармонија и симетрија – вели  Димеска.

Loading