“АПОТЕОЗА НА ПРЕДЕЛЕТО” ОД КИРИЛ ГЕГОСКИ

Изложбата во Скопје

На 7 септември во Националната галерија во Скопје, доајенот во уметноста Кирил Гегоски ќе има изложба на слики насловена “Апотеоза на пределот”.

Творештвото на Гегоски од најраните дела се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата, уметнички израз исполиран до последниот детал. Тој создава производ на воздржаниот, но софистициран фокус за потенцирање на суштината на нештата. Делата се беспрекорни, со извонредно чувство и познавање на својствата на користените материјали.

Со својата сликарска страст и посветеност  Гегоски не се задоволува со една матрица. Експериментира на три нивоа на сликарската пракса: материјалната – техничката, концептуалната – аналитичката и естетската -чувствената. Евидентна е стилска различност. Се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на неговите размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата во животот.

Делата ја задржуваат препознатливоста во различноста. Тоа е одлика на изграден уметнички идентитет. Бојата е базисот во творештвото. Таа е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива експлозивност и потполна слобода. Преку неа врши колористички истражувања на соодносите меѓу боите и површините.

Гегоски, член на ДЛУМ. Изложувал самостојно и групно во земјата и во странство.

Loading