СМРТТА ВЛЕГУВА ВО ВЕЧНИОТ ЖИВОТ

Духовден се празнува три дена, а првиот ден секогаш е во недела. Овој е единствен од 12 големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува, оти од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение.

На овој празник претходи задушница во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи за покојните претци. Овој ден е познат  како “Мртва сабота”. Духовден се вика и Педесетница, затоа што се празнува 50 дена по Велигден. Настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените со основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха за ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите. Тој ден апостолите биле во Ерусалим, биле 12, зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде 12. Утрото се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар. Се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици симболот на Светиот Дух. По ова, апостолите почнале да зборуваат разни јазици, а собраниот народ помислил дека тие се пијани. Се појавил светиот апостол Петар кој на собраните им објаснил дека не се пијани, туку се исполнети со Светиот Дух испратен од Господ. Ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.

Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи им ги зборувал: “Ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене. Јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките. Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган”.

Во Новиот завет тој според пророкот Јоил требало да биде излеан врз целиот народ. Празникот се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот – таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

За Духовден не се работи, се оди в црква и се изведуваат некои обичаи. Најмногу празникот се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. На Духовден мртвите разговарале, па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат. Бидејќи душите на мртвите се слободни, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. овој ден се раздава “за душа” да се задоволат мртвите. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за “Бог да им прости”.

Кај нас е задржан обичајот на гробовите да се носат бардачињ кои се раздаваат на поблиски роднини и пријатели ко треба да пијат вода за душа за умрените и за споменување на нивните имиња.

Loading