СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (5)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанец на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк.

Покрај неповолната економско – финансиска состојба, како решавачки поттик за реализирање на замислата, му послужиле укажувањата на познатиот германски публицист, писател и биограф Емил Лудвиг, кој во 1929 година, престојувал во Турција, при што се сретнал и со Ататурк, посетувајќи повеќе краеви на земјата и одблизу анализирајќи ја состојбата во земјата. Зборувајќи за разговорот со германскиот биограф, Ататурк подвлекол дека соговорникот му поставил, како што се изразил тој, “чудни прашања”. Покрај тоа што Лудвиг го почитвал Ататурк, поведен од принципите на историската објективност, тогашниот начин на управувањето со Турција го оценил за диктаторски, а Ататурк како диктатор. Ваквите квалификации оставиле неповолни импресии кај Ататурк и биле причина за размисла за воведување на повеќепартиски систем, бидејќи за време на неговото владење тој го претпочитал републиканско – парламентарниот, односно повеќепартискиот демократски систем.

Додека течела шестата година од дипломатската, амбасадорска мисија на Окјар во Париз, за време на годишниот одмор во Турција во 1930 година, тој побарал средба со Ататурк, кој бил во градот Јалова. Замислата на Ататурк за формирање втора политичка партија на Окјар, првпат му ја предочил Ахмет Фуад Булџа, при што од негова страна како близок пријател на Окјар му било сугерирано неприфаќање на функцијата претседател на очекуваната нова политичка партија, чувствувајќи ја опасноста за меѓусебни непринципиелни конфликти и пресметки меѓу највисоките раководни личности на земјата.

Во Јалова, Окјар бил со претседателот Ататурк, кој приредувал работни средби и разговори со најблиските соработници. Се разговарало за различни теми, но никако и за замислата за формирање на нова опозициона политичка партија. Конечно петиот ден од дружењето со Ататурк, по заминувањето на присутните Окјар и Ќазим Паша ги продолжиле разговорите со Ататурк, кој побарал мислење за расположението и реакциите на граѓаните за состојбите во земјата, дали биле задоволни од Владата на Исмет Инени. По одговорот дека состојбите се мошне тешки и дека граѓаните не се задоволни од Владата, Ататурк се свртил кон Окјар и го замолил да информира како изгледа состојбата во Турција гледано од странство. Окјар ставил акцент на неповолните реакции на еврпските центри на неплаќањето на долгот, сугерирајќи за поинакво, подипломатско однесување и кога нема пари. Се осврнал и на недомаќинското однесување на Владата, кога малкуте лица кои можат да развиваат економска активност, поради бројните неподносливи даночни обврски, врзуваат крај со крај. На прашањето на Ататурк како да се излезе од ситуацијата, Окјар рекол дека дел од проблемите може да се надминат доколку пратениците во Парламентот се однесуваат поангажирано, но и дека причината за нивното индолентно однесување е како последица на стравот за транспарентно расправање за проблемите, алудирајќи при тоа на отсуството на плурален демократски амбиент во рамките на Парламентот. Ова било испитување на пулсот на двајцата блиски соработници на Ататурк. Така претседателот ја обелоденил идеата држена во главата. Истакнала: “Го најдов решението. На земајата í треба нова опозициона партија. Со нејзиното формирање во Парламентот, на полесен начин би се воделе расправи. Со тоа многу грешки на извршната власт би ги снемало”. Окјар, имајќи ја предвид неискреноста на премиерот Инен, го замолил Ататурк да не го доведе да биде спротивен табор на премиерот Инени. Идејата на Ататурк за формирање нова опозициона политичка партија во принцип ја поздравиле, изразувајќи при тоа и задоволство.

(продолжува)

Loading