ОД КАДЕ ДОАЃА ВЕЛИГДЕН?

Најголемиот христијански празник, Велигден се празнува три дена – недела, понеделник и вторник. По црковната служба почнува празничната радост на Христовото воскресение.

Многу од обичаите поврзани со Велигден потекнуваат од античко време или од средниот век. Велигден првично бил паганско празнување во чест на божицата на пролетта и плодноста кај Германите. Таа се викала Остара, што значи исток, бидејќи била споредувана со зората и од нејзиното име е изведен денешниот германски збор за Велигден  – “Остерн”. Нејзиниот празник се славел секогаш по првата полна месечина во пролетта. Луѓето танцувале со мечеви, што претставувало борба на богот на сонцето со зимските моќи, кои во ова годишно време редовно ја губат оваа битка. Паганските активности биле трн во окото за црквата. На советот во Никеја во 325 година се решило најважниот празник во христијанството да биде во исто време со пролетниот празник на многубожците.

Посебно големо значење í се давало на велигденската трпеза, иако не била толку богата како божикната. По црковната служба, тридневната прослава содржела празнична веселба. Луѓето се собирале во групи, пееле, играле и се маскирале. Гозбата почнувала со поскура или со јајце или со сирење или мешано (вино, јајца, леб, коприва, цвет од дрен). Задолжително на масата се наоѓале јајцата, како што било обичај да се пече ритуално лепче од пресно или од кисело тесто – великденик. Да се заштити семејството од зли сили, жените кои го замесувале тестото ставале гранче од босилок зад увото.

Многу обичаи биле поврзани со боењето на јајцата. Насекаде бил раширен обичајот да им се даруваат јајца на сите кои ќе го посетат домот за празникот. Децата измислувале и игри со јајца, се чукале, фрлале парички на јајцата и слично… Првиот или вториот ден по Велигден, жените оделе на гробовите на своите блиски со јадења, црвени јајца…

Во различни делови на светот има разни обичаи, но едно е исто за сите Христијани. Тоа е вапсувањето на јајцата, свечено украсените куќи и празничниот ручек. Црвената боја е симбол на светата крв. По торжествената богослужба, луѓето ги држеле своите црвено вапцани јајца  в раце. Кршејќи ги меѓусебно јајцата изговараат “Христос Воскресе”. На оваа реплика се одговара “Навистина Воскресе”. Внатрешноста на црвеното јајце го претставува Христос, а неговата душа го претставува гробот во кој е положен. Црвената боја, пак, ја претставува христовата света пролеана крв. Се верува дека вапсаните јајца долго траат. Тие се и симбол и извор на плодородноста, симбол на жртва , принос, молитва кон Бога.

Во четвртокот и во саботата се обојувале јајцата. Вапсаните јајца се јаделе до Света Тројца.

Во историјата на човештвото јајцето се среќава во 4 век. Римјаните и Германите го ставале на гробовите и симболизирало почеток на нов живот. Во средниот век вазалите на земјопоседниците им давале велигденски јајца или зајчиња како надомест за добиената земја. На ова првично плаќање се должи подарувањето на велигденски јајца.

Обичајот кај католиците да се бараат велигденските јајца низ дворот е измислен од буржоазијата, бидејќи на децата тешко можело да им се претстави дека зајаците наместо кокошките ги несат и квачат јајцата. На зајакот му било импутирано дека во суровата зима, кога гладните зајаци доаѓаат во селата во потрага по храна, ги сокрива шарените јајца.

Додека велигденските јајца се наоѓаат на менито од пред три века, велигденското јагне е на трпезата одамна. Обичајот потекнува од ритуалот кај Евреите за колење на животното за празникот Пасха.

Во христијанската црква тоа станало симбол за јагнето Божјо.

Loading