БЕЗ МАСКИ, А МОЖЕ И ЕКСКУРЗИИ

Комисијата за заштита од заразни болести ќе и препорача на Владата да се укине задолжителното носење на маски за учениците во средните училишта, како и да се овозможи организирање екскурзии и за основците и за средношколците. Маските остануваат и натаму задолжителни за наставниците и за техничкиот кадар.

„Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува и бројот на новозаразени и хоспитализирани. Се празнат болничките капацитети, има мала стагнација на репродукцискиот број, меѓутоа тоа не значи дека капацитетот на здравствениот систем не е релаксиран во моментот. Трендот е позитивен. Одиме во насока на тоа да имаме позитивна добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела се уште ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати”, потенцира д-р Мехмедовиќ.

Препораката за укинување на маските за средношколците треба да биде усвоена на владина седница за да стапи на сила. Претгодно укинато беше задолжителното носење маска за учениците во основните училишта.

За укинување на маските за студентите пак како и за олабавување на мерките за влез во државата ќе се дискутира на следните седници на Комисијата.

За целосно укинување на мерките, Мехмедовиќ потенцира дека вакцинацијата мора да се подигне на повисоко ниво, а укинувањето да биде постепено.

Loading