АНДРИАНА РИСТЕСКА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КЛУБОТ НА ЛИТЕРАТУРНИ ТВОРЦИ

Клубот на литературни творци Прилеп има нов претседател. Членовите на Собранието на Клубот едногласно за прв човек ја избраа Андриана Ристеска, истакната поетеса. Нејзин заменик е поетесата Весна Шереметкоска. Изборното собрание било свикано после неотповикливата оставка на досегашната претседателка Снежана Паноска, која замина од функцијата заради лични причини.

Ристеска вели дека Клубот и во иднина ќе продолжи успешно да ја исполнува својата цел, а тоа е промоција на поетите и писателите од Прилеп и промоција на творештвото на роднокрајните творци во Македонија и пошироко.

-Со програмата за 2022 година, следна активност е средбата на Здруженијата и литературните клубови од Македонија во мај, на која домаќин ќе биде Прилеп. Оваа традиционална средба заради ковид пандемијата не беше одржана две години. Друга поголема манифестација е јубилејното 15-то издание на Поетско Маркукуле. Тоа е меѓународна манифестација која најчесто се одржува во вториот викенд во август. Планирано е учество на повеќе литературни манифестации низ Македонија, но и во соседните држави ако има услови за тоа. Приоритет е привлекување на нови млади талентирани творци од градот и промоција на нивното творештво. Прилеп отсекогаш бил ризница на надарени литературни творци.. Така ќе остане – вели Ристеска.

Loading