ПОДДРШКА ЗА ПРЕМИЕРИ, КОНЦЕРТИ, ИЗЛОЖБИ..

НУЦК „Марко Цепенков„

Со годишната програма финансирана од Министерството за култура, ЦК „Марко Цепенков” ќе реализира над 40 – тина настани од сите дејности. Пари се доделени и за  инвестициски зафати. Вкупно, Центарот за култура за реализација на програмата доби 5,6 милиона денари, односно 32 проценти повеќе од ланската година.

– Оваа година ќе бидеме домаќини на разновидни настани и манифестации со одобрената годишна програма. Ќе реализираме четири премиерни претстави – „Дупло дно” во режија на Наташа Поплавска, „Хамлет” во режија на Бранко Брезовец, „Круг” во режија Јован Ристовски, „Мистеријата Буфо” во режија на Андреј Цветановски. Претставата „Декамерон” во режија на Мартин Кочовски, која е од програмата за 2021 година, премиерно ќе биде изведена во почетокот на март. Од музичката и музичко – сценската дејност се 10 концерти, балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон” – гостување на НОБ, концерт на Хорот на НОБ, Оперска ноќ,  концертна промоција на четвртиот албум „Четворка” на групата Баклава, концерт на камерен оркестар „Профундис”, концерт „Мојот роден град ” со дела на Властимир Николовски, проект „Миррор ин Тхе Миррор” Виола и пијано со визуелна проекција, концерт на класична музика со пијано „Сонатна вечер”, концерт на мешан хор на КУД „Стив Наумов” – Битола  и за активности на танцово студио „Зодијак”.   Од областа на фолклорот ќе имаме целовечерен концерт ФА „Мирче Ацев” – Скопје”, како и поддршка за работата на КУД „Моминок” и октетот „Прилеп”.   Ќе реализираме 19 групни и самостојни изложби, на прилепски и македонски уметници, како и ликовната колонија Дрен 2022, а продолжува и издавањето на списанието за литература, култура и уметност „Стремеж”. Од Министерството добивме средства и за неколку инвестициски зафати, поточно ќе се санира хидрантската мрежа, ќе се постават подови во канцеларии и во ходник на институцијата по 42 години, а предвидени се и набавки на аудиоопрема и штафелаи за галериската дејност. Се на се, љубителите на културата и уметноста ќе бидат сведок на богата и разновидна програма, која ќе ги задоволи сите вкусови на нашата публика – вели Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК.

Инаку, во тек е изработката на проектно техничката документација за изградбата на новиот театар којшто ќе биде во склоп на прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков”, за што од Министерството за култура одобрени се шест милиони денари.

– Се работи на проектно-техничката документација за да стигнеме до изградбата на нов театар, кој ќе биде во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков”. Потребна е реконструкција, доградба и надградба на Домот на културата што ќе обезбеди простор за новиот театар. Потоа ќе  следи другата фаза. Ова се првите конкретни чекори за изградба на нов театар во Прилеп по повеќе од две децении – посочува Мицовска – Станкоска, потенцирајќи ја зголемената поддршка од Министерството за култура  за 2022 година.

Loading