ОЧИ ВО ОЧИ СО ИВИЦА РАЧАН

Историчарот Рубинчо Белчески (55) е вљубеник во тенисот

Малкумна знаат дека историчарот, кустосот, поранешен пратеник и поранешен директор на НУ Завод и музеј и на НУЦК “Марко Цепенков”, Рубинчо Белчески е вљубеник во тенисот. Хоби му е белиот спорт, а пред 25 години си ги пробал силите и со европските пратеници на кои тенисот им бил добро утро, за разлика од него кој доѓал од град во кој немало ниту еден терен за вежбање. Учествувал на три европски првенства.

За време на Аустралиан Опен, на фејсбук објави фотографија на која држи рекет во рацете, во друштво од тројца други тенисери. Фотографијата побуди интерес, бројни лајкови, но и новинарско љубопиство. Која е приказната за таа фотографија?

-Фотографијата датира од пред 25 години и е сликана во Цирих.  Во 1994 година станав пратеник од СДСМ во тој собраниски состав бев најмлад со 28 години. Наредната година, дојде информација дека на ниво на Европа има првенство на европратеници во тенис.  На третото првенство по ред, беше првото учество на Македонија. Како да се дојде до место во тимот? Рекоа, нека се пријават сите што знаат да играат тенис. Конкуренцијата беше 10 пратеници. Требаше да одат тројца. Направивме квалификација во Скопје, игравме секој со секого и бев меѓу тројцата најдобри. Боите на Македонија ги претставувавме заедно со Иван Бојков, тогашен претседател на Ракометната федерација на Македонија и претседател на РК Ѓорче Петров кој клуб стана и европски првак. Третиот играч беше Владимир Соколоски од Скопје. Во 1998г. во екипата учествуваше и пратеникот Зоран Крстевски. Учествувавме на Европското првенство во тенис на европски парламенти во Словенија, во Ново место во 1996 година. Имаше прекрасен спортски центар, а имаше и неколку тениски игралишта. Под покровителство на Крка. Успех не постигнавме, во однос на другите екипи бевме послаби. Тенисот кај нас сеуште беше во зародиш, немавме играно, во Прилеп немаше дури ни тениско игралиште. После, во 1997 г. е Цирих, Швајцарија. Фотографијата е од таму. На фотографијата од лево на десно сме: Кузманоски, стручен соработник во службите во Собранието и организатор на македонскиот тим, до него сум јас, трет од лево е Владимир Соколоски и на крај е Иван Бојков. Во Цирих беа добри натпреварите. Важно е што покрај спортскиот дел, имавме и посета на културно историски споменици, разговори со политичари од земјата домаќин. Во Словенија бевме пречекани од претседателот, Милан Кучан. Во нивниот тим  беше и претседателот на Социјалдемократската партија, Цирил Рибичич – објаснува Рубинчо Белчески.

Се опишува себе си како сестран спортист. Како мал тренирал карате, подолг период фудбал, играл како средношколец во подмладокот на Победа, аматерски се занимал со речиси сите спортови, пинг-понг, а потоа тенис. Со другарите импровизирале, се снаоѓале како знаат и умеат. Желбата ги терала да направат самоделски терен. Играле со дрвени рекети.

– Иако во градов немаше тениски игралишта, ние неколкуте ентузијасти, школски и маалски другари, некаде 1984г. до 1990г. на игралиштето на Рид кое беше асфалтирано, направивме од вреќи за пиперки, мрежа за тенис. Ги шиевме, спојувавме, речиси дваесет вреќи врзавме – се сеќава Белчески.

Нема сознанија дали се одржува уште Европската манифестација во тенис за пратеници. Целта била дружење, запознавање. 

-Сплотување. Размена на искуства од различни системи на функционирање на државите. Видовме како функционира словенечкиот парламент, во Швајцарија со конфедеративниот приндип, кантонален. Пред две, три години низ контакти, кога се навраќаме на овие настани, постои намера идејата да се возобнови – вели Белчески.

Белчески се фаќа за рекетот во секој миг од слободното време. Најмногу сака да игра со синот кој е негова спортска копија. Надарен е за сите спортови, особено за ракометот.

-Синот кој има 18 години, ги има во целост моите гени, и кога прв впат го фати рекетот в рака, делуваше како да тренирал една година. Тенисот го издвојувам дека не е агресивен спорт, елегантен е, од физичките афинитети може само, сам да се повредиш. Следам натпревари, грен слемовите особено, во Мелбурн, Париз, Њујорк и Лондон – вели Белчески. 

Ова е животна епизода на која се навраќа особено за натпреварите, турнирите, финалињата. Сака да ја сподели фотографијата од минатото.

– Луѓето ме застануваат и прашуваат за сликата оти позадината не ја знаат и во кратки црти им ја раскажувам приказната – вели тој.

Советува секој да се занимав со физичка активност, како порака во новинарскиот текст. Плус, има сопруга доктор, која инсистира на здрав живот, рекреација и тренирање. Наместо, следење на спорт на телевизија.

ПРАТЕНИЧКИ МЕЧ

– Во Полска 1997г., во Варшава играв со Ивица Рачан кој подоцна стана премиер на Хрватска. Морам да признаам, дека изгубив 2:1. Иако беше повозрасен од мене, хендикепот, немањето терен за вежбање, го направи своето. Играв и со Здравко Томац, пратеник и тогашен потпретседател на хрватскиот сабор. Играше и Едуард Кукан, кој потоа стана министер за надворешни работи на Словачка и евро пратеник кој доаѓаше во Македонија. 

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА БЕЗ ПОЛИТИЗАЦИЈА НА КЛУБОВИТЕ

-Жалам што Победа не е во Прва лига. РК Прилеп мака мачи и се бори за опстанок во Супер лигата, кошаркарски клуб е со незабележителни резултати. Единствено може да се пофалиме со пинг-понгот и Младост 96 кој беше шампион на Македонија. На тимовите им треба финансиска и стручна поддршка, помалку политизација на клубовите, а повеќе професионализам. 

ИСТОРИЈАТА ПРЕД ФИСКУЛТУРАТА

-Како матурант, за избор на факултет до последен миг се двоумев меѓу Историјата и Факултетот за физичка култура. Класниот раководител Трајче Зуламоски и сега, на генерациските средби, тврди дека ќе бев добар и како фискултурец, затоа што бев многу добар гимнастичар, како и во екипните спортови.

Loading