ЌЕ СЕ ЗАЧУВУВА РОДНОКРАЈНОТО МУЗИЧКО ТВОРЕШТВО

Во Заводот и Музеј се подготвува роднокрајна музичка поставка, во која во витрини ќе се чуваат стари народни инструменти, предмети и записи од музичари од Прилеп, Долнени и околината.

-Собираме и откупуваме музички инструменти записи, аудио записи, скриптозаписи, слики, предмети на познати прилепски музичари, пеачи, радио-водители… Станува збор за обемна теренска активност на директни контакти со музичките имиња или со нивни роднини и поколенија за обезбедување на материјал (записи, слики, лични предмети) за изложување на роднокрајната музичка поставка. Во секој момент ќе можат да се видат предмети и дела на пејачи, диригенти, музички водители, инструменталисти, композитори,… – вели м-р Лилјана Неделкоска, библиотекар од Музејот.

Во придонесот за поставката први се одзваа Селимова – Желчески. Таа донела оригинали да останат во наследство на роднокрајната поставка. Станува збор за широк спектар од награди (Трето-ноемвриска, Златна-буба мара и др), златна плоча од ПГП/РТБ и сребрена плоча од ПГП/РТБ за песните “Нема ли либе да дојдиш” и “Љуби ме љуби” како и признанија од светот на пејачката Кевсер.

Прилеп отсекогаш бил богат со музички активности и талентирани  творци и уметници.

– Најрано почнало да се прифаќа и да се негува западноевропската музика и музичка култура. Сознанието за уметничката вредност на нашата народна музика, изразена со стремеж да се зачува и да се прикаже надвор од границите како автентичен национален производ, се среќава уште кон крајот на 19 век, кај прилепските дејци, кои се пионери на македонската мелографија. Свеста за значењето и улогата на роднокрајното музичко творештво во будењето на националното сознание сé повеќе се развивала, поттикнувајќи културни дејци на собирање и издавање на фолклорни материјали, мелографирани напеви. Од Атанас Бадев до денес, трудот на музичките дејци е незаменлив придонес во ризницата на македонската духовна култура како вредност по себе, начин на опстојување на овие простори и како база за надградба во сите идни творечки потфати на поколенијата. Не може да не се спомнат градските музички оркестри и нивниот репертоар, имињата на познатите музички дејци, народни фолклорно-уметнички фестивали и традиционалните форми на градскиот забавен живот како последица на поттикот од богатиот музички спектар. Печат на музичката традиција оставиле Атанас Бадев, Пеце Атанасоски, Нина Спирова, Селимова – Желчески, Блага Петреска, современиот комозитор Властимир Николовски, диригентите Ѓорѓи Шабаноски, Аспарух Корубиноски, Благоја Стојаноски – Капелникот, групите Шиндевци, Прилепски мерак, До-ре-ми, Прилепски еснаф, Октет Прилеп, радио-водителот и пејач Гога Зафироски, Захаринка Милосављевиќ и др. – потенцира Неделкоска, координатор на проектот.

Проектот ќе се одвива во целиот регион повеќе години заради обемноста и автентичноста на музички имиња и дејци како и нивното музичко творештво. 

Loading