ДЕЛА ОД ПРИЛЕПСКИ АВТОРИ НА “ЗИМСКИОТ САЛОН”

На 19- тата изложба “Зимски салон” на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на темата “Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање” во Чифте амам во Скопје се претставуваат и прилепските автори Кирил Гегоски, Моника Десоска Каргова, Бојана Артиновска Трпческа и Драган Верговски Алпи.

“Зимскиот салон 2022”, е биеналната изложба во организација на ДЛУМ.  Ја продолжува традицијата на обемна и современа претстава за дострелот на ликовното творештво. Остава значаен белег во националната и меѓународната културна меморија. Ова издание е визуелна анализа како уметноста ги обновува меѓучовечките врски и го поврзува уметникот со општеството во време на криза. Се претставува поврзаноста на различните полиња и техники на изразување, каде уметници од сите генерации се обединуваат и развиваат неопходен дијалог меѓу младите луѓе. Мајсторите на сликарството предизвикуваат празник за очите, тргнувајќи од синтагмата “Уметноста повторно поврзува, обновува, воздигнува и реконструира”. Избрани се дела со различни форми на визуелно изразување  на  автори кои успеаја да развијат сопствен уметнички пристап, користејќи широк спектар на техники во кохерентен современ дискурс.

Loading