ЌАР И ЗИЈАН

Белешка

Уште во старо време, демек од многу одамна, луѓето користеле една поговорка: “Ќарот и зијанот се браќа”! Се потсетив деновиве кога ептен интензивно, да не речам нападно, се врши притисок на потрошувачите преку ТВ екраните. Оние кои сакаат да ги “намамат” потрошувачите не избираат ниту зборови, ниту пристоен начин. Знаат како преку ТВ, може да се направи, да се режира и да се монтира реклама што ќе ги привлече гледачите и ќе ги натера да појдат в продавница каде се нудат производите (скоро во сите случаи) со намалени цени. Друго прашање е дали се намалени и за колку проценти, како што се рекламите. Нема да ги кажеме компаниите трговски кои нудат, според мене, на непристоен начин со марифетлуци, производи. Не ги кажувам. Прво, од стравот што проработи и кај мене, после толку години пишувње за многу нешта. Компаниите со нападни и груби реклами можно е да се навредат и да тужат за “негативно мислење”, според предлог законот за медиумските работници. И? И, што? Ќе го кркам стапот, ќе се влечкам по судови соп месеци или години.

Има реклами кои се непристојни и навредливи, само да го привлечат вниманието на гледачите, односно идните купувачи. Не би можело, според мене, со ваков аудиовизуелен “контакт” да се привлечат купувачите. Прашање е дали производите се навистина со намалени цени или само така се вели во рекламните материјали. Рекламите на ТВ, за мене, се навредливи. Затоа што се со строго заповеден тон и музика.  Со слика повикуваат во нивните продавници. Можеби се дури и вулгарни. На пример, кога одеднаш во рекламата ќе слушне тоа доста гласно – “дојдете”, “купете”, “слезете долу во нашата продавница”, “качете се горе”… Уште што не. Заповеднички, навредливо и, би рекол, дури и одбивно. А не да  се рекламира производот пријатно за увото и окото на мозниот иден купувач.

И кај нас почнаа да се практикуваат “Црни петоци”. Многу производи, божем, се намалени. Кога купувачите ќе влезат во било кој маркет, се разбира оној што рекламира производи од неговите продавници, било тоа да го чини преку ТВ екраните или преку рекламниот материјал што го има на влезовите од продавниците, кога ќе се дојде со корпата пред касиерката, се случува цените да се сосема други, повисоки или воопшто да не се намалени, како во рекламата! На потрошувачите им доаѓа како да се прелагани. Џабе ќе реагираат дека така пишувало или така било кажано преку рекламата. Кај касиерката производот е забележан со код со непроменета или ненамалена цена. Значи, некој измамил. А потрошувачот се закренал заради 10, 15 или повеќе денари помалку, одминувајќи го маалското дуќанче.

Работава е “врвка”. Наместо ќар, се направило зијан, со доаѓањето во рекламираниот маркет. Не е важно кој, оти можно е да се навредат и да ми ја “опнат” тужбата за “негативно мислење”!

К.Р.

Loading