ПОШТИ

Белешка

И да врне, и да вее, и бура да коси, поштар пошта носи”!

Вака некако на мали нозе ја пеевме оваа песничка кога поштарите пред Нова година и Божик носеа многу писма и честитки за  празниците. Така беше. И на училиште си ги честитавме новогодишните празници со хартиени честитки.

А сега, стана актуелна Поштата, што уште ја имаме, македонската. Директорот се пофали дека поштарите пак на пензионерите ќе им ги носат пензиите дома. Да, токму оние кои своевремено со пропаѓањето на Еуростандард банка и поштарите престанаа да ги носат пензиските примања на врата. Сега има и мотив, оти се “зголемија” примањата. Не малку. “Многу”! Токму 2,9 отсто. Којзнае како ќе ги потрошат! Тешко нив без зголемување! Ќе исцркавме од глад без стотина денари плус-минус. Сега, дел од нас, од оние 320 и кусур илјади колку што не има во Македонија почнавме да “вревиме” срамежливо, без многу викање. Се “плашиме” да не ни паднат пластичните вилици од многу викање и протестирање, како што прават синдикалците за работниците!

Ова со Поштава, со носењето на парите на домашната адреса е проблематично. Досега на неколку наврати поштата беше ограбувана од непознати и по толку време “непознати” арамии. Барем засега не се откриени. И Банките се крадат одвреме-навреме. Значи, сигурност – нула и неизвисност сто отсто, независно во која банка или пошта се парите, посебно пензијата.

Уште  нешто. Случајно  дознав, а нив ги гледам и низ градов. Не знам колку многу мали комбиња или поштенски автомобили минуваат низ градските улици. Разнесуваат поштенски или како што ги викаат “карго” пратки. Носат сé и сешто, дури и со откуп, дури и до врата. Она што се гледа преку интернет, преку Телешоп, Реклама 5, или преку Пазар 3, се договара онлајн и се разнесува до било кој град, која дестинација. Има помали и поголеми  пратки, пакети… Сешто. Неочекувано, човек да не верува дека ова се случува во нашава Македонија. Иако велиме дека е мала, регистрирани биле или пратки разнесувале повеќе од 28 поштенски карго компании. Интересно, сите добро работеле и им се исплаќало. Задоволни биле сите корисници. Тоа е тоа! Ако некој почне некој, како што велат, модерен бизнис, сите се зафаќаат и очекуваат добивка. Но, ете се сети и Главната пошта да да ги носи пензиските примања и другите банкарски сметки. И во неа провизиите се регулирани како кај сите банки!

Кога е кај нас, во нашево општество ништо и никогаш не е чудно, зар не!?   

К.Р.

Loading