ПЕНЗИОНЕРСКИ МУАБЕТЕЊА

Белешка

Седиме така во една кафеана, откако попуштија со мерките за заштита од пандемијата, и го “арчиме” времето. Разговараме за сé и сешто. Најмногу за она каде што нé остави Ковидот. Еден по еден како што разбиравме, кажуваме кој куртули, а кого го однесе “чумата” наречена Ковид-19. Ако на некого не му текнуваше за кого велиме дека “заминал”, се трудевме сите да му објасниме за тоа каде живееше, во кое маало, каде работеше, со кого се дружеше, колку години имаше… Сé така по ред. Се знае ние повеќе зборувавме за оние што беа тука некаде по старост како нас, пензионери, а не и за помладите, оти и не ги знаевме.

Полека, полека дојдовме и до темата, за она каде што нé боли забот, за зголемувањето на пензиите. Те, олку ќе се “кренат”, те од март, те од април, те малку подоцна, дури од септември, а и за тоа дека ова било само една трошка што допрва ќе го дава владата. Требало, според еден, да не се даваат линеарно парите од сегашното зголемување. Еден од колегите наши, пензионер, беше најгласен. Како да се “разбираше” најмногу, небаре тој го донесе зголемувањево на пензиите.

-Се знае колку да се зголемуваат пензиите. Тие уште од “мајка” се згрешени. Пензискиот систем е направен и тешко може да се смени! Оти, тие што треба да го сменат, се подготвуваат за пензија или поточно да земаат апанажа откако ќе им мине нивниот пратенички мандат. Така е почнато и така ќе се “искинеме” – додава на крајот. Како да се плашеше да не му речеме да плати уште по една тура од кафето и сокот.

Така е рече и другиот. Се потокми да каже нешто, ама веќе ја “минавме” оваа точка од дневниот ред. Го запревме такаречи уште не проговорен. Замолче и остана засрамен како да му беше криво оти дошол подоцна.

Полека, полека дојдовме и до темата дека во нашево општество има многу богати, а од друга страна и многу сиромаси.

-Не треба власва да формира комисии и којзнае какви агенции. Зошто ни е Комисија за корупција, или пак она тело или што ли е за испитување на потеклото на имотот. Не треба од тоа ништо. Предлагам да ни дадат еден лист хартија и молив и сите колку што сме ќе напишеме по десетина и повеќемина од градов за кои сметаме дека многу брзо и такаречи со “тупурдии”, да не речам со арамилак, или ако сакате со не плаќање колку што треба на државата и, се разбира, на работниците, го спечалиле она што е на нивно име или на нивните блиски. Тоа не е тајна. Такви има во цела Македонија. Верувам дека сите ќе напишеме речиси исти или слични имиња за оние кои со ујдурми станале богати. Списоците ќе и ги предадеме на финансиската полиција, а таа со дигитроните в раце може да испита за кусо време, може да открие кој и како и колку заработил за неговиот работен век и на каков начин. Се знае кој, колку може да заработи за една година. Другото нека се одземе и нека се полни буџетот. Така ќе има пари и за пензионерите – запна еден од собеседниците, дури и подвикна за да замолчиме и да го слушаме.

Некои се сложија со предлогот, само прашаа дали во Владата има такви мажи, односно во полицијата или во парламентот македонски да донесат такви одлуки или закони. На крајот е се сложивме дека овие теми не се за сега, кога на вратите, на границите наши, се слушаат пукотници.

К.Р.

Loading