ПРОСТИ ИМ ГОСПОДИ!

Се случи и тоа. Да се чуди човек дека е можно и тоа. Познато е дека преводите што ги читаме и што ги слушаме на нашите ТВ се полоши од лоши. Овојпат читавме нешто од кое се изрезилиле и преведувачот и ТВ куќата. Пред божикните празници обично се емитуваат филмови за Исус Христос. Така беше и годинава. Француски беше филмот. Го гледавме доста внимателно. Читавме превод што предизвикува револт. Според Библијата, постои човек, разбојник, кој е уапсен некаде во исто време кога е уапсен и Исус. Тој човек се вика Варава. Според западната транскрипција не е Варава, туку Бараба. Во српскиот јазик, кога треба да се употреби погрден збор за некој разбојник го нарекуваат “бараба”. Според името на тој разбојник од Библијата. При извршувањето на смртните пресуди (со распнување), според тогашниот обичај еден од виновниците можел да биде помилуван. Пилат се обраќа на народот и прашува кого сакаат да го помилува, Исус или Варава? Толпата бара Исус да биде распнат, а помилуван да биде Варава. Така бидува. Да, но ние читаме, нашиов преведувач напишал дека тој човек се вика Варвара, а не Варава. Тоа се повторува повеќепати – Варвара, па Варвара. А Варвара е женско име. Станува збор за светица која се вика Варвара, чиј празник се одбележувана 17 декември. Варвара е од Египет (Мисир), поверувала воИсус. Татко í (многубожец) поради тоа самиот и ја отсекува главата. Таа е Варвара. Тоа е поширока приказна, но нема да навлегуваме понатаму. Во западниот свет е Барбара. Некогаш, кај нас имаше доста жени кои го носеа името Варвара. Сега тоа име на луѓето им звучи просто, но затоа името Барбара е доста често и ако и едното и другото се однесува за иста личност. Што ли мислел нашиот преведувач? Зошто ги испомешал имињата ВАРАВА и ВАРВАРА?! Мнозина мислат дека тој навредлив збор (бараба) е српски и затоа никој не го употребува. Нека не се плашат, зборот не е српски, еврејски е и значи “татков син”. Такво значење има името на тој разбојник и убиец – ВАРАВА, а не ВАРВАРА, како што го прекрстил нашиов преведувач!

Преведувачот прави уште една глупост. Овојпат уште поголема. Преголема! Ќе треба да објасниме некои нешта. Што е тоа “Пасха”? Тоа е голем еврејски празник. Зборот значи – “премин”. Се празнува во знак на сеќавањето за преминот на Евреите преку Црвеното Море по бегството од Египет. Последната пасха Христос ја празнува заедно со апостолите, непосредно пред неговото страдање. Во филмот станува збор за времето пред големиот празник. Значи, пред Пасхата. Нашиов генијален преведувач вели дека тоа било пред Велигден. Дури малку и се штрекнавме. Дали слушнавме добро! Но, за чудо, тоа се повтори неколкупати. Преведувачот е требало да ја чита Библијата, не треба да е верник или можеби атеист, па да знае дека Велигден не може да се празнува на Исусовиот живот. Велигден почнува да се празнува дури во вториот век, далеку по смртта на Исус. На првиот Вселенски собор во Никеа (325 год) на чинот на празнување е тема на разговор. Но, правилата по кои се одредува на кој датум се паѓа Велигден се дефинираат дури во 526 година. Според овие правила Велигден е секогаш по пролетната рамноденица во првата недела по полна месечина. Но, не смее да се совпадне кога Евреите го празнуваат празникот Пасха, ниту да биде пред него. Велигден се менува, може да падне во 35 различни датуми. Некогаш дури и два дена по Ѓурѓовден. Ѓурѓовден е на 6 мај. Потребни се за ова пошироки објаснувања. Затоа зошто и како Велигден го менува датумот. Нема да се впуштаме во таква широчина. Сево ова го пишуваме за да го изразиме вчудовидувањето од преводот во филмот за Исус Христос. Велигден е најголемиот и најстар Христијански празник. Се слави Христовото воскресение. Нели се пее: “Христос воскресна од мртвите, со смртта, смртта ја победи и на оние во гробовите живот им подари”. Сево ова не мора и не може секој да го знае. Но да се спомнува Велигден за време на животот на Христос е навистина ноторна глупост. И по којзнае којпат гопоставуваме прашањето дали некој води сметка за точноста на овие преводи.

Обично пишуваме за јазичните грешки, но овие се уште поголеми и непростливи. Но,ти Господи, прости им. Не знаат што прават!

Loading