ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ИЛИЈА ИВАНОСКИ – БЕЛОТО ГИ ПРЕНЕСОЛ КОСКИТЕ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ОД СОФИЈА ВО СКОПЈЕ ВО 1947 ГОДИНА

Денеска се навршуваат 150 години од раѓањето на македонскиот великан

– Во Пиринска Македонија, побудувавме голем интерес. Цела Струмица беше на нозе со веста дека минува колоната со коските на Гоце Делчев – истакнал Иваноски

 На 150 годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев кој б ил убиен во борбата со турската војска на 4 мај 1903 год се потсетуваме како биле пренесувани моштите од Софија во Скопје во 1947 година преку сведоењата на прилепскиот возач Илија Иваноски – Белото, ракжувани во весниците во минатиот век. Според историските податоци, посмртните останки прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало: „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден”. Заветот е исполнет на 31 јанури 1947 година со пренесување во0 црквата Св. Спас во Скопје.

Малкумина знаат дека во пренесувањето на моштите на револуционерот учествувал прилепчанецот Илија Иваноски – Белото како возач. Тој, за тогашниот локален прилепски весник Народен глас, раскажал дека колоната со возилото била пречекана од многу народ во сите градови од Пиринска Македонија, а во Струмица, речиси целиот град бил на нозе.

Во текстот од весникот ,,Народен глас”, бр. 222, на стр. 2,  издаден во Прилеп, во петок на 11 февруари 1972 година, пишува дека заветот на Гоцевите следбеници, коските на овој голем македонски револуционер да бидат пренесени во Скопје, се оствари по ослободувањето на татковината од фашистичките окупатори. Случајно при пренесувањето на саркографот учествувал еден наш сограѓанин. По една слична случајност беше пронајдена и автенична слика од овој пренос, направена во пиринскиот град Петрич.

Еве што тој раскажува за овој настан:

– Повеќе од една година беше тоа во 1946/47, како возач бев на работа во нашата амбасада во Софија. Кон крајот на јануари 1947 година во Софија дојде другарот Борко Темелковски – Лилјак. Утрото на 31 јануари 1947 година ми беше речено дека со придружба треба да појдам на едно место. Во џипот што го возев, беше ставен еден сандак. Заедно со придружбата од Софија се упативме за Скопје – кажуваше возачот Иваноски.

Шоферот Илија Иваноски се сеќава на многу детали. Џипот се движел во средината, а напред и назад имало по една кола. Иако зима, џипот бил отворен, а во него се наоѓала голема фотографија на Гоце Делчев.

– Во сите градови од Пиринска Македонија побудувавме голем интерес. Толпа граѓани се собираа околу во Благоевград, Петрич… Се собираа граѓани и поздравуваа. Во Благоевград, Градскиот комитет на БКП, организира мала комеморација. Во Струмица, чинам целиот град беше на нозе. Веста дека се пренесуваат моштите на Гоце Делчев ги воодушеви и толку израдува граѓаните што едвам поминавме низ улиците – изјавил на Иваноски во неделникот “Народен глас”.

По долго патување, колоната пристигна во Скопје на 31 јануари.

Нестор Алексиевски го изработил ковчегот за коските на Гоце

Славниот резбар Нестор Алексиевски го изработил ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во 1946 година. Ковчегот одоревово  дрво го изработил за 21 ден. Димензиите биле 0,6 х 0,6 х 0,75 метри, кој лежи на четири лавовски шепи. Изрезбарени се разни мотиви од кои главниот е ликот на Гоце Делчев со ловоров венец. Претставени се и тогашните грбови на Македонија и Југославија. На задната страна стои пораката: „Смрт или слобода – од Револуционерниот комитет”. Според сведоштвата, коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила како симбол на Илинденското востание. Саркофагот со коските биле положени во дворот на црквата Св. Спас во Скопје.

ОСТАТОКОТ ОД КОСКИТЕ УШТЕ СЕ ВО БАНИЦА?!

Гоцевите потомци од неговите сестри раскажале дека кога коските биле изложени во Софија во црквата Св. Недела во 1923 година, семејството се уверило дека во сандачето се само рацете, нозете и главата, а трупот го нема. Коските од трупот на војводата засекогаш останаа во Баница. Откако во 1906 година неговиот другар, војводата Чаков, заедно со Таската Серски го откопале гробот и ги зеле главата, рацете и нозете на Гоце Делчев, трупот го оставиле оти и по три години не бил распаднат. Потоа, никој никогаш не го зел остатокот од коските.

Loading