НЕМАШТИЈА

Белешка

Секако, ние повозрасните, се  сеќаваме на  онаа “Небото  да е книга, а морето мастило, не ќе можам да ги напишам моите јадови”! Така некако дојде состојбава во нашава самостојна независна (не знам колку е независна) држава. Се некако контра! Како цел свет да е свртен против нас! А, зошто против нас? Па така, уште незаздравени од онаа тешка и се покажа за многумина опасна болест, наречена Ковид-19, дојдоа други кризни времиња, состојби. Те енергетска, те  внатрешно-политичка, те надворешно-политичка, те соседна, те економска, те… Сé се сврте против сиромашните. Ете, ние сме независна, самостојна, ама да не заборавиме мошне сиромашна земја.  Немаме енергенси, имаме проблеми со храна за населението, ни бегаат младите во другите европски и побогати земји (мислат дека таму е поинаку, отколку кај нас!)… Сé така, како онаа сега, другата “каде оди волче – се град го толче”! Кризно време. Кризна пролет ги чека скоро сите европски држави. Нема тука зафрканција и натегање, е или не е. Ама се саклма ме фаќа што кризата ја чувствуваме и кај нас, пожестоко, и како сé да се “прекршува” против нас. Како да помагаме на свој незаеднички, а во случајов заеднички начин. Така некако ќе ја дочекаме в недела и Прочка. Па Осми март… Се надеваме дека ќе биде подобро на постите и Велигден, кога ќе се “омрсиме”, ако имаме пари за месо. Оти, скапијата секој ден е се поголема и поголема. Или, можеби обратно, од ден на ден сé повеќе има сиромаси. Земјоделците  реагираат на скапите репроматеријали, ѓубре вештачко за прихранување, скапа нафта за орање, скапи препарати и којзнае дали воопшто ќе се изораат нивите за претстојната производствена сезона, или пак ќе чекаме од Бога росица некој да помогне, како за сé друго што причекуваме. Друг, да ни го бере гајлето. Случајот со НАТО го решивме и се чувствуваме безбедни, ама со ЕУ застана работата. Соседите ја фрлија ракавицата и како да сакаат да не видат во рингот, ама нокаутирани!!!

Ноекој ќе рече дека не следам што се случува околу нас и кај нас. Ми се јави еден пријател и ми вели да прочитам дека и кај нас имало богати луѓе. Да, се сложувам. Не се сите сиромаси. Има луѓе, наши сограѓани кои многу брзо во времињата на транзицијата “направија” многу пари. Така ти е тоа, снајди се – па живеј!! Е, за нив пријателот ми рече дека неколкумина наши брзопотезни парајлии имале сметки во најсигурната швајцарска банка,  Кредит банка во друштво со кралот од Јемен и неговите синови. Двајцата имашливи македонски државјани (беа кажани и нивните имиња), а и со други тајкуни и олигарси од други земји  за секој случај си ги засолниле парињата. Велам парињата, оти сигурно немале многу пари. Затоа ги ставиле во сигурна банка  во друштво со други  истомисленици!

Ете, и од кај нас има некој во побогато европско друштво. На, времето гледавме филмови на кино најпрво во црно-бела техника, а потоа и колор. Така беше тогаш. Сега е сепак нешто поинаку имаме можност на многу ТВ канали, оние што имаат и дигитални прием ептен многу канали, се разбира во боја, гледаат, следат сé и сешто на планетава. Не им завидувам. Нека им е убаво, ама треба да се потсетиме на крајот на филмовите што ги гледавме во   темните киносали. На крајот, пред да се запали светлото, на екранот пишуваше – КРАЈ, СВРШЕТАК, ЕНДЕ, ТХЕ ЕНД, КОЊЕЦ…

Можеби некој ќе рече дека ширам “негативно мислење” и можно е да ме земе на одговорност! Ако, некој така мисли, еве јавно му се извинувам, што го навредив на некој начин! И?!

К.Р.

Loading