БЕЗ НАВРЕДА

Белешка

Пред 15 дена  како  член на Здружението на  новинари на Македонија добив меил во кој од ЗНМ информираат за предлог законот што е во подготовка  за клевета и навреда, каде во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара за изразување на “негативно мислење”. По наше преведено значи “имајте се на мукает”. Многу, многу не ви треба кажување, односно пишување “негативно”. А што е негативно, ќе оценува оној кој ќе се чувствува навреден и, се разбира, ќе бара отштета по судски.

Новинар сум од пред 1970 година. Само една година подоцна бев примен во членството на Здружението на новинарите на Југославија (ја чувам уште црвената книшка со платена членарина). По некоја година книшката се замени со црна боја на кориците. Како новинари имавме некои попусти за патување со воз, авион… Со разделбата како независна држава Македонија, станав член на ЗНМ, член на новинарското здружение на Македонија. Ја имам и таа книшка. Беше со црвени корици, ама поголема од предходните. По некоја година книшката беше заменета со темно сини корици, а потоа (оваа сега што ја имам), исто така, е со сини корици, но со некои додатоци, ама без многу новинарски привилегии. Располагам со колекција од пет членски книшки, за овие 50 и кусур години.

Зошто го кажувам ова?!

Сум пишувал за многу весници и во поранешната СФРЈ. Потоа во нашата Република Македонија. Уште пишувам во весници и списанија. Во локалниот весник Народен глас имавме подлисток со наслов Коприва. Демек, боцкаше сé живо во општината, со хумор, сатира, карикатури и… Во Југославија, што ја заборавивме, излегуваше весник Јеж. Во него ептен се критикуваше на хумористичен и сатиричен начин и политички раководители и стопанственици. Сé, според уредниците и авторите на текстовите. Никој не се “штрекаше” на јавната критика преку текст. Позитивно влијаеа и карикатурите со исмевање на сите јавни личности. Тоа им беше прва опомена да се променат. Укажаното, негативното, на некоја појава, настан… го разбираа да ги отстранат маните. И се отстрануваа, со некои исклучоци, од кои “страдаа” политички, со смена. Во Македонија со години постоеше и успешно се справуваше со сите тогашни општествено-политички состојби во нашето општество, весникот Остен. Беше сличен по тематиката на оние од Југославија. Се разбира, за личности, настани и појави во нашата македонска земја. И во овој весник сум соработувал. Признавам, од страв, под псевдоним. Можеби некој ќе се сети на карикатурите што нашиот прилепчанец, а познат македонски и светски карикатурист Живко Козар, кој црташе и објавуваше карикатури на првите страници од весникот Нова Македонија. Преку карикатурите ги искажуваше сите негативни состојби во македонското општество. Беше соработник со локални, прилепски теми, и во нашата Коприва. Колегата од Битола, Панде Димитровски, со години издаваше (приватно) хумористично сатиричен весник со наслов БЕЗ НАВРЕДА. Сега не знам, дали  овој весник уште постои во соседниот град!!!

За жал, сегашново новинарство нема вакви весници со хумор, сатира, козерија и сл. Има ТВ емисии каде малку помалку или завиткано се кажуваат негативностите во македонското општество. Да, на драмски начин се исмејуваат одредени општествени појави. Се засмејува нашиот народ, ако му е дојдено до смеење.

Но, иако тоа е сосема ситно, срамежливо, временски кусо на ТВ, некој сака да го згази овој демократски тренд, наместо да му даде крила да го поттикнува за да се исправат “забеганите” и анахроните. Се охрабриле, без трунка срам и демократско чувство, да стокамат член од предлог законот за клевета и навреда со дефиниција за одговорност за “негативно мислење”!!! За среќа, по реакцијата на демократските сили во земјава и на Здружението на новинарите, се најави дека ќе се сметне од предлогот оваа законска закана, да не речам глупост, за новинарството во земјава. Сепак, останува впчетокот дека која и да е власт, се обидува да нé враќа во 48 г. И годи, јавноста да ги “голта” глупостите. Забораваат дека не цицаме нафта.          

К.Р.

Loading