ГУРБЕТЏИИ

Белешка

Отсекогаш, од век и веков, народот наш, македонски, одел на печалба. Не се знае бројот на испеаните печалбарски песни, пишаните романи и раскази, снимените репортажи и филмови за печалбарството. Најпрво се бегало од Турците. Заминувале со запрежни коли до Влашко, до денешна Романија. Оттаму со воз до пристанипштето Марсеј, од каде со параброди ја минувале “Големата Бара”. По месец, ако не и повеќе, се клацкале со парабродите на водите океански и, како што велеа по нашки, се слегувале во Невјорк. Оттаму со воз заминувале во Чикаго и на други места од ветената земја – Америка. Некои останувале со години, без да спечалат или ако заработеле нешто, тоа било, пред сé, болест. Џабе домашните чекале абер од гурбетџиите и, се разбира, по некоја жолта лира. На некои нашинци, кои не си иделе, праќале “поздрав” во ќемерите жолти лири. Овие наместо на домашните од испраќачот, ги земале за себе.

Така било тогаш. Сега е поинаку! На интернетот и сега во време на пандемијата од Ковид 19 има којзнае колку понуди на агенции за  вработување во европските, а и во подалечните, во прекуокеанските земји. Сегашните, модерни гастајбајтери работат сé и сешто во Германија, Шведска, Норвешка, Финска и други европски земји. Одвреме-навреме доаѓаат и носат  по нешто евра. Така ја помагаат нашата македонска економија. Ги има, а тие се многу повеќе, што не мислат за назад и не се враќаат. Ги земаат семејствата и таму им учат децата. Оние со занает, со знаење на јазик и со  работа на компјутер брзо наоѓаат поплатена работа. Други чекаат на аргатилница да поработат на црно. Често се депортирани, вратени. Оти, сега со “преместувањето”, да не речам со преселувањето на бегалците од Авганистан, Сирија и други африкански и азиски земји, цената на аргатите е падната. А и во Америка, со пандемијава, не примаат нашинци и други од Европа. Освен се разбира оние од Латинска Амнерика, ако можат без дозвола и со ризик да преминат и да поработат на црно.

Не би сакал многу да пишувам за сегашниве модерни печалбари. Јадев гурбетски леб неколку месеци пред педесетина години во Виена. И при крајот на 20 век го “прелетав” Атлантикот. Знам што е работа на црно.

Тешко дојде за младиве сега, посебно оние кои не се разбираат од занает и кои не знаат јазики кои очекуваат од агенциите да ги “вработат”  не знаејќи каде и за колку пари. Некои многу не му се секираат. За нив нема проблем, се разбира ако родителите им се позафатени – економски. За нив и Македонија е Америка. Дел од нив пред секои избори, (а барем овде кај нас нив ги има на секоја година) се растрчуваат де во една, де во друга политичка партија. Што бараат? Бараат да се вработат овд, дома во администрацијата и да земаат плата, нишајќи ги вратите, плус на тоа и К-15  и други комодитети. Такви барем кај нас ги има на секој чекор. Никој не сака да работи на отворено и да биде аргат во својата сопствена татковина. Сите бараат да печалат надвор, таму се плаќало! Да, се плаќа, ако се работи и ако се заработи најпрво за газдата, а потоа и за себе, оти таму газдите не даваат  евра или долари за црни очи. Ако даваат како што овде бара македонскиот синдикат плата на невидено, да не речам на незаработено, треба газдата да  банкротира. Во јабана нема синдикални организации, туку раководители кои  првин се штитат себе си, а потоа и работниците. Тешко  е, а уште потешко се кажува дека ќе бид. Затоа треба да им се каже на младите наши овдешни дека гурбетџискиот леб не е вкусен како домашниот! Најмногу, според мене, гурбедџии и тоа салам печалбари сега има во политиката наша македонска, односно во Владата поранешна и сегашна, а и во парламентот сегашен и поранешен!                    

К.Р.

Loading