НОВОГОДИШЕН ЈАЗИЧЕН ХАОС

Како никој не се сетил?! Новинари, лектори, професори по македонски јазик, Институт за македонски јазик, Филолошки факултет, никој не пројавил желба да објасни дека зборот “посакувам” значи дека некој сака да добие нешто за себе. Како ниедна ТВ, ниеден уредник не почувствува потреба да внесе во својата програма и некаква емисија за нашиот јазик?! Често го слушаме зборот “посакувам”. При крајот на вестите презентерите  велат “Ви посакувам сé најубаво”. За новогодишните празници ушите ни ги оглушија со такви поздрави. Секој на секого нешто му посакува – среќа, здравје, пари и слично. Кога би се размислувало малку, веднаш ќе стане јасно дека тој што посакува има намера да добие нешто, побарува нешто. Водителка ни се обраќа нам, на гледачите: “Драги мои, ви посакувам многу среќа”! Се шегуваме и велиме: “Ти ни посакуваш, ама ние не даваме”! Пред празникот, шетаат новинари по плоштадите, со микрофонот в раце, анкетираат минувачи. Слушаме: “Што посакуваш да ти се случи во новата година”? Ваквото прашање е логично. Секој човек посакува да му се случи нешто убаво. Но, поздравот  “Ви посакувам” воопшто не е логичен. Од него произлегува дека ако некој некому посакува нешто, значи дека сака да добие нешто од него. Ако рече дека му посакува среќа, значи дека му бара среќа. А сите, буквално сите телевизии, политичари, обични граѓани, сите го користат овој нелогичен израз. Никој не размислува дека “посакувам” значи дека бараш нешто од некого, а не му даваш, не му пожелуваш ништо.

На новогодишната вечер од Охрид, новинарката вели: “Луѓето си посакуваат желби”. О, Боже! Ете и тоа го чувме. Како ли е можно тоа? Како е можно некој на некого да му посака желба? Желбата е лично чувство на секој човек. Како може некој да му посака, да му го побара тоа?

Зошто сите, ама баш сите ја забораваат именката “желба” и глаголот “пожелувам”? Зошто никој не вели дека пожелува некому среќа, радост и слично, туку сите ја користат таа ноторна грешка “ти посакувам”? Па, уште многу одамна Константин Миладинов ја напишал песната “Желание”. Ќе ја приведеме во целост:

Кога ќе доит при мене?

Кога ќе седнит до мене?

Така си велев ката ден.

Ја кога дојде у мене,

Как ќе излеза пред неа,

Да не би дошла никога!

Такво “желание” имал Константин. Во македонскиот литературен јазик, таквите архаични форми добиваат поинаков облик: желание – желба, состојание – состојба, положение – положба и слично. Значи имаме именка ЖЕЛБА. Глагол ЖЕЛАЊЕ не се развил во нашиот јазик иако е можен. Но, затоа глаголот “пожелувам” го имаме, а го користиме многу малку или воопшто не го користиме. Зошто? Тоа е вистинскиот израз. Сме пишувале и порано и еве ќе повториме. Нашите соседи Србите велат – “Желим ти све најболје”. Бугарите велат “Желаја ти всичко хубаво”. Ние, наместо да пожелуваме, ние посакуваме. А еве го вистинското – “Ви пожелувам се најубаво”. Тука можат да се редат желбите за здравје, за среќа, за добар живот и којзнае уште што. Но, глаголот треба да гласи ПОЖЕЛУВАМ, а не ПОСАКУВАМ.

За празниците, сите наши државни функционери ни посакуваа сé и сешто. Сите посакуваа да го добијат тоа од нас. Никој не се сети да ни ПОЖЕЛИ нешто. Никој не вели “Ви пожелувам пријатна вечер”, туку сите велат “Имајте пријатна вечер”. Ни наредуваат да имаме пријатна вечер.

А за ваквите грешки најмногу се виновни телевизиите. Народот слуша и прифаќа. Не знаеме колку пати се прашуваме – зошто е така? Каде оди нашиов јазик?! Зошто ова прашање не си го поставуваат компетентни лица и институции? Зошто не им пречи оваа хаотична состојба во јазикот?!

За да не биде осамено нашево мислење, ќе го земеме напомош Блаже Конески. Во Нишка Бања (во болница) некоја сестра ќе одела на викенд. Конески вели: “Кога и пожелав убав викенд, таа забележа дека можеби ќе и биде напорен”. Значи Блаже Конески и ПОЖЕЛАЛ убав викенд, а не и ПОСАКАЛ.

Loading