НОВОГОДИШНИ ЖЕЛБИ…

Белешка

“Дедо Мраз, Дедо Мраз, сврти образ и на кај нас…”! Вака модифицирана оваа детска песна што своевремено ја пеевме пред  новогодишните празници би му ја испеал на измислениот светски човек ДЕДО МРАЗ.

Да, помагај Дедо Мразу, оти ти леташ и шеташ со твоите елени  и санка низ целиот свет и си велам дека од некое ќоше не забележуваш и нас, долу Македонциве како се мачиме и бараме чаре за маките што нé навасаја. Еве, со години им се молиме на нашите избраници, повеќе партиски отколку народни. А тие мислат само за џебот да им биде полн и да искористат колку што можат повеќе, небаре за најаска. Уште почудно е што им е малку да имаат сила и целово наше општество ќе го напикаат во нивните домови, куќи, викендички, фамилијарни бизниси, овде и надвор од нашава земја…!

Чудно, за што баравме и бараме помош? Ами, еве што побрзо, ако можеш, фрли некое пакетче кога ќе леташ над нашево подрачје. Ќе го делиме. Ветувам, ,таман како што треба. Па, нели сега имаме комисија за борба против корупција, па министерство или раководители за испитување на потеклото на имотите на големците, оти тие се важни, а не и ние простосмртните. Имавме проблем со пандемијава. Сигурно дојдоа вестите и до твоите уши. Сé направивме, ама пак останавме во регионот со многу заразени и починати! А, што да ти расправам за рекетарството? За она што го нарекуваме судство. Знаеш дека немаме ниту дрвца, а ваму ни велат дека ќе немаме струја, гас. Ако ги има цените ќе биле ептен високи, до таван, за  нашите плитки џебови. Во здравството, сé е однопаку. Врти сучи сé се сведува, тој што има пари ќе се лечи, а тој што нема нека се пазари со  фирмите за пониска закопнина.

Не знам дали сакаш сега во ова време невреме да те “трујам” со маките во образованието, па со чистиот, нечист воздух, па со дивите депонии, па со патиштата, со она што го викаме стопанство… Или можеби не знаеш, еве пак се јавува невработеност или ако сакаш со превработеноста во адмоинистративните канцеларии. Тесни се за сместување на бира за административните “работници”…

Не би сакал да ти се плачам дека сме некако отфрлени од таа Европа за каде еве запинаме децении да влеземе. Источниот сосед поставува ептен неприфатливи услови. Вели дека сме биле Бугари, а не Македонци. А јас знам дека татко ми Василе, дедо ми Ристе, и прадедо ми Аце, па Митре пред него и сите пра, пра чукун мои дедовци биле Македонци. Од каде сега оваа новина што се наметнува. Некој како да сака да ја прифати, а тие се држат за тоа  како слепиот за стапот.

За лошите патишта нема да пишувам и да посакувам желбите да ни ги исполниш тие да бидат подобри, како и за сé досега што ти напишав, а сигурно нешто и не напишав. Нели ти леташ и од високо гледаш кој што прави и каде и како греши. Не чинат патиштата наши и затоа си измислил елени и санки што летаат насекаде по небото. Гледај прај!

Овде ќе завршам за годинава. Помагај и исполнувај ги не само нашите желби, ами на сите луѓе. Знаеш, ние сме скромни не од сега, ами отсекогаш како Македонци. Можеби затоа вака ни се случува да бидеме отфрлени настрана од сите, дури и од нашите избраници.

Да сме живи и здрави и среќна Нова година!. Сé најубаво!

К.Р.

Loading