ШЕГАТА НАСТРАНА (НЕ, НА СТРАНА)

Се нашол во невола преведувачот. Има такви случаи, особено за преводите кои треба да се направат брзо. Слушавме искажување на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Тој го критикува претседателот на Бугарија Румен Радев. Бил виновен за влошување на односите на Бугарија со земјите од регионот. Се спомнуваат Албанија, Македонија и Турција. Вели: “Ненавиждаме се с’с Турција”. Изразот “Ненавиждаме се” преведувачот го превел како “Се презираме”. Не е точен преводот. Значењето е малку поинакво. Се сеќаваме, во некое поодамнешно време, луѓето го употребуваа зборот “ненавидлак”. Тоа значи дека некои луѓе или дури и цели семејства не сакаат да се видат. Сме запаметиле една ваква реченица: “Таков ненавидлак, ни било ни ќе биде”. Толку многу се мразеле меѓу себе. Сме ја слушале именката “ненавидлак”, а други изведенки, глаголи или придавки не сме чуле, не се развиле. Мислевме дека во Речникот ќе најдеме нешто од овие зборови. И најдовме. Таму е регистрирана именката “ненавист” што значи омраза. Исто така, регистрирана е и придавката “ненавистен” со значење омразен. И во едниот и во другиот случај упатува на “омраза”. Значи тоа е точното. А “ненавист” и “ненавистен” остануваат како дијалектизми. Зборот што го очекувавме “ненавидлак” не го сретнавме со таа форма. Станува јасно дека бугарскиот глагол “ненавиждаме се” значи се мразиме, а не се презираме. Меѓу презир и омраза постои разлика, нели? Точно е дека во вакви ситуации кога е потребна брзина во преведувањето, тешко им е на преведувачите.

Шегата настрана! Го слушаме често овој израз. Но, најчесто погрешно. Во квизот што се емитува на ТВ водителот сака да биде духовит. Прави некакви шеги, па се извинува и вели – “Шала на страна”. Уште не научил дека во македонскиот јазик не постои именка “шала”. Кај нас тоа е шега. Прилошкиот израз “на страна” го слушаме и го читаме на сите наши телевизии. Сите го изговараат тоа како да се два збора “на страна”, а во тој случај значењето не е исто. Тоа упатува како да станува збор за некоја страна. За заземање на некаква страна. На пример: – “Тој секогаш зборува на страна на претседателот”. Значи ја застапува неговата страна. Во изразот “шегата настрана” случајот е поинаков. Тоа значи, да ја оставиме шегата настрана, да ја отфрлиме. Во овој случај “настрана” се пишува слеано како еден збор. Тоа е сложен прилог. Се добиваат кога првиот дел е некој предлог: настрана, набрзо, наблизу, докрај, досега, довека… Конкрето, станува збор за предлозите “на” и “до”. Новинарите и презентерите треба да го знаат тоа. Колку пати сме слушнале кога зборува некој, па сака да се префрли на друга тема, па ќе рече: “Но, да го оставиме тоа на страна”. Погрешно! Тоа не значи дека нештото треба да го оставиме на некоја страна, туку се мисли дека треба да го оставиме тоа настрана, да го отфрлиме. Значи НА СТРАНА и НАСТРАНА не е исто.

Се случила некоја непријатност. Во некој непристапен терен група имигранти правеле некои недела. Изнудувале пари, тормозеле луѓе, силувале… Групата била откриена, а учесниците биле притворени. Меѓу нив имало и еден малолетник. На прашање на новинарот, обвинителот (ката) вели: “Да, има и едно малолетно дете”. А може ли да биде полнолетно дете? Штом е дете, се знае дека е малолетно. Нема потреба да се вели “малолетно дете”. Малолетникот е дете, а детето е малолетник.

Loading