ЕКО КЕСАТА Е НИШАН НА ЧОРБАЏИЈА

Белешка

Докторите ми препорачаа наместо сирење да купувам и да јадам изварка заради намалување на холесторолот. Била понемрсна, барем така велат. Штом  ќе каже лекар, се знае, тоа е закон, посебно за неарниве и постариве што сме шубелии. Често купувам по еден килограм изварка од ист продавач. Не велам дека не ме подлажуваат. Си мислам, како што ми велат, добра е и за месење зелник и за со јајца додека се јадеше мрсно, а не за постиве. Не дека сум некој заречен посноман, ама изварката и сирење ќе се намали од трпезата. Можеби ова со кесиве има добра страна. Ќе лапаме посно, соино и пакувано сирење.

Одам во продавницата каде редовно купувам млечни производи, посебно изварка. Веднаш продавачката ме прашува дали носам торба? Да í велам. Таа не знае каде и како да ја мери изварката со забраната за употреба на пластичните кеси. Се прашува гласно, како да ми стави во торбата без пластична, ами со биоразградливи кеса која чини 15 денари. Изварката така ќе дојди 115 денари килограм, иако е 100 денари. Се жали таа дека не добиле од биоразградливите. Но, тие ќе се распаднат по неколку минути кога ќе се стави изварката. Врти со главата, крева рамена со очите полни со прашања, за кои никој нема одговор. Со торбата в раце, што да í кажам. Жената е во право. Како да купам изварка, а да не ме чини поскапо и продавачката да не биде казнета. Демек, сите овци да бидат на број. Ама не може сé да се стокми кога се наметнува од утре само еко кеси без мркорење. Оти ќе стеганат казна, ако кревате прашина.

Така чекав предлог на продавачката. Ја измери изварката во пластична кеса, ама без рачки, ѓоа тие биле дозволени за употреба.

Чудо! Човек да не знае што да прави. Нема ниту бакалски кеси како некогаш. Таксират ме снајде и при купувањето на мушмулите, кои биле арни за смалување на шеќерот. Ме бендисуваат помеки и готови за јадење. Ама во што да се мерат кога носам торба платнена. Не бива мушмула да се мери заедно со другото зајре. Не каша, не сок, туку љочка ќе се сторат додека се однесат дома. Ич не ќе ги бидува. Ама, законот рака сечи, не боли. Барај чаре ако сакаш да јадеш мушмули или ќе те препознаваат како чорбаџија со разградлива кеса в раце на улица.

Па можеби закононосачите за некористење на пластични кеси, таму од онаа Европа, во која, еве, се сторија децени каде опинаме да влеземе, можеби не знаат што е изварка. Или не им паѓа на ум да купат убави што меки, хемиски не третирани, природни мушмули што се топат во устата. Па нели тие се еко држави кои плаќаат богатство за еко мушмули. Нели треба да се храниме здраво и да го штедиме здравствениот систем?. Ама не знаеме во што да ги спастриме, небаре само кај нас ги има.

Купив што купив. За да ја искористам истата пластична кеса, купив мандарини и компири по две кила. Се разбира, да не ме чинат поскапо. Оти работава дојде “грош петел, шеест пари крчма”.

Да споредиме, весников што ви е в раце, чини помалку од биоразградлива кеса. А може да има втора полза. Откако ќе го прочита, може да се претвори во фишек за јаболка, лимони, портокали… за да не се чалгаат по улица до дома.

Сакаме европски да се носиме, да бидеме модерни, еко храна, и да биде поевтино. Како, кога ние толку плиток џебот. Башка, како што тера работава, по Нова Година, џебот ќе бидеуште поплиток. Длабочината ќе се скусува од утро до вечер. Така е тоа. Буни се ако немаш друга работа или не запнувај за модерната, современа и богата Европа.

К.Р.

Loading