ВИСОКИ ЦЕНИ, А НЕ СКАПИ

Ќе приведеме една реченица: “Јагленот ќе се набави во декември и истиот ќе се користи до април”. Ете, сите така. Ќе се направи еднаш грешката, ќе се чуе од некоја ТВ и потоа, сите, како договорени. Станува збор за придавската заменка “истиот”. Овде воопшто не станува збор за тоа дали ќе се користи тој, истиот, јаглен или ќе биде некој друг. Се разбира, оти ќе се користи тој што ќе биде набавен во декември. Во ваквите случаи, кога треба да се користи заменка, речиси редовно слушаме употреба на земенска придавка. А, реченицата би требало да гласи: “Јагленот ќе се набави во декември и тој ќе се користи до април”. Значи ТОЈ, а не ИСТИОТ. Зборот ИСТИОТ може да се употреби во некои случаи како атрибутска форма. Ако треба да се дообјасни именката. На пример: “Јагленот ќе се набави во декември. Истиот јаглен се користеше и ланската години”. Значи, тука се дообјаснува дека тој, истиот јаглен, се користел и лани. А во оваа реченица се објаснува дека ќе се набавел јаглен во декември, може да се ористи само заменката “тој”, а не придавската заменка “истиот”. Често сме чуле: “Се донесе закон и истиот ќе ги регулира тие и тие односи”. Не! ТОЈ ќе ги регулира, а не ИСТИОТ.

Многупати сме пишувале за преводите во ТВ филмовите. Лоши се, премногу лоши. Во еден таков филм, некоја девојка се вљубила, ама не признава. Соговорникот í се потсмева и вели: “Љубовта ти вири од очите”. Тој глагол “вири” го нема во нашиот јазик. Српски е. Кај нас би се рекло “Се наѕира”. Во некои случаи тој глагол може да биде “стрчи”. Во конкретниов, може да се најдат повеќе начини. Може да се рече дека љубовта ти се наѕира во очите. Може да биде и така дека љубовта ти се гледа од очите. Можни се повеќе начини. Но, преведувачот го одбрал српскиот збор “вири”. Редовна појава е тоа кога нашиве луѓе (овојпат преведувачот) не се обидуваат да помислат да најдат наш збор или израз, туку го земаат напомош српскиот јазик. 

Еве уште еден сличен случај. Новинарката известува дека процурила вест оти ќе има рестрикција на струјата. Процурила! Пак српски збор. Во нашиот јазик не постои глагол процурите. Зошто не вели дека протекла таква вест. Дури и не е неопходнода се користи токму тој глагол. Може да се рече дека се насетува такво нешто, дека се потслушнало за тоа. Може да се најдат повеќе изрази, но ете, пак наготово. Земи си го српскиот збор, и со тоа проблемот е решен.

Членот! Огромни грешки и многу чести. Од сите. Слушаме дека за новогодишните празници нема да има некои скапи осветлувања и украсувања. Не само во Скопје, туку и во другите градови. Се разбира, тоа го налага недостигот на струја. Извесна новинарка известува на ваков начин: “Во пресрет на верските и новогодишни празници нема да има скапи украсувања”. Еве гледаме: “верските и новогодишни”. Зошто не размислува новинарката? ВЕРСКИТЕ и НОВОГОДИШНИ! Па зар верските се и новогодишни? Зошто се испушта членот  од имената НОВОГОДИШНИ? Украсувањето ќе изостанува за верските и за НОВОГОДИШНИТЕ, така треба. Истата грешка ја слушаме необично често кога ќе се вели: “Средните и мали претпријатија”. Тоа се различни поими. Значи, СРЕДНИТЕ и МАЛИТЕ претпријатија. Двете треба да бидат членувани.

Во последно време се случува големо поскапување на артиклите. Особено на прехранбените. Ушите ни оглувнаа од известувања дека цените биле поскапени, дека имало скапи цени и дека тешко можело да се издржи. Точно е тоа дека има големо поскапување и дека тешко може да се издржи. Но кога ќе сватат нашиве новинари дека не се поскапени цените, туку се поскапени артиклите. Цените можат да бидат високи или ниски, а не да бидат скапи или евтини. Скапи можат да бидат намирниците, а не цените. Господа новинари! Цените можат да бидат ВИСОКИ и НИСКИ, а артиклите СКАПИ и ЕВТИНИ.

Loading