СЕКОЈ ДЕНАР Е ВРЕДЕН!!

Белешка

Да, токму така! Иако е мал по форма (гледано фигуративно, металниот денар), тој е вреден! А, вреден е, затоа што треба да се заработи. Во времево, вакво какво што дојде на економски план, тешко е, да не речам, макотрпно е да се заработи денарот, и тоа во овдешниве, наши услови. Затоа треба да се цени. Можеби за некого денарот финансиски не значи ништо и затоа не се наведнува ако на патот најде паднато мало, ситно, дури и рѓосано денарче. Ним не им значи многу, оти сигурно не знаеле и не знаат како да го заработат. Што би рекол народот, не се потеле, не знаат што е сиромаштија и што значи економичност во животот, штедливост, без аздисаност како што сега тоа се чини со “ситниот”, мал денар!

Но, ете не сакам да загубам ниту еден денар. Единствено мало, метално денарче, а не да речеме и цела метална “банка”. Почекувам на касите во продавниците да ми се врати кусурот, независно  дали е денар, два. Сигурно не би оставил цели пет денари!! Ова го велам и почекувам зашто при купувањето на било каков производ во продавнициве со сегашниве цени што завршуваат не на една, не на две, ами дури и на три деветки. Значи не сакам да не ми се поврати кусурот независно колку “тежи”, мерено во денари. Не сакам да останам борч. Сакам да им платам на продавачките колку што чини тоа што сум го купил. Оти еден по еден вредноста му “расте”, се збираат повеќе денари.

Еве, што се случува со наплатата на сметките за ѓубретарина секој месец  и  тоа не само во реонот каде што живеам, ами слушам и во другите реони од  градов. Како да стана практика со месеци. На сметките пишува да се платат до 15 во тековниот месец. А, како ќе ги платам јас или било кој кога доставувачот ги фрла во дворот или во поштенското сандаче ден или два, или дури и три зависно дали е викенд подоцна! При плаќањето на сметките во Комуналец, им ја кажав забелешката. Тие веднаш ми рекоа дека тоа треба да му го кажам на доставувачот. Како можам, кога не го гледам и кога тој не чека да излезам и да му платам! Можеби човекот е во право, можеби  од службата за АОП (за автоматска обработка на податоците) пресметките му ги доставуваат подоцна. Во ред, го разбирам и него, ако треба и другите службеници. Ама, тие ми велат, “донесете ги сметките што сте ги платиле минатиот месец, дојдете неколку дена пред 15  и ќе ви наплатиме!

Добро, ако е така, ако јас одам секој месец да платам неколку дена пред оној датумот назначен во сметката. Тогаш зошто постојат доставувачите. Сето тоа нека оди преку пошта или друг начин на наплата за ѓубретарината. Кај нас уште не се плаќа ѓубрето по тежина, како што е во светот. Се плаќа според површината што ја поседува сопственикот на станот или куќата. Дали просторот во станот, независно колку членови од  семејството живеат, го прави ѓубрето или луѓето што живеат во него?  Во градов, во иста зграда, во ист  влез  во два стана се плаќа ѓубретарина за иста површина, иако во едниот живее само една пензионерка, а во другиот стан живеат шест или  седум члена на семејството! И? И, што и? Плати или ќе добиеш на идната сметка камата, зависно колку дена си задоцнил. Нека е и еден денар. Не сакам да го платам, бидејќи за тоа не сум воопшто виновен. Ако треба предвреме да платам, пред да дојде сметката, односно пред да ми ја потфрлат, тогаш нека се најде друг модус и нека се плаќа паушално цела година. Нека нема сметки секој месец, ами решение дека во годината треба толку и толку денари да платам за подигање на ѓубрето. Оти, на сите редовни, а и нередовнои плаќачи просторот не им се зголемува или намалува секој месец, како што е тоа со потрошената електрична струја или вода. 

К.Р.

Loading