ЧЕХОВ И ЦЕПЕНКОВ ПОД РАКА

Денешниов напис во голема мера ќе се разликува од вообичаениот стандард. Нема да пишуваме само за јазичните грешки, туку за една невообичаена појава. Чудна појава! Би се рекло, дури и нечесна појава. Секојдневно се вртат народните приказни на нашиве ТВ. При секоја најава се вели (и се пишува) “македонски народни приказни”. А честопати гледаме некакви приказни кои нуту се народно и ниту се македонски. Веројатно пресуши изворот на Цепенков. Се потрошија неговите приказни. Се потрошија и многу други што не ги запишал тој. Се појавија сега некои други МАРКОВЦИ. Тие не пишуваат приказни, туку крадат теми од познати автори, ги потпреправаат некако и нам ни ги пласираат како народни приказни, и тоа МАКЕДОНСКИ.

Пред извесно време ја гледавма прекрасната едночинка “Мечка” А.П.Чехов, прекрстена во македопнска народна приказна. Се разбира, имињата на личностите изменети. Дадени им се наши имиња и ние гледаме македонска народна приказна од Антон Павлович Чехов. Се разбира, нашиве автори не го кажуваат тоа. Е, па, нели тие копаат во нашата народна ризница. Овојпат прокопале малку подлабоко, па го откриле и Чехов во Москва. Пред некој ден повторно гледавме “македонска народна приказа” од А.П.Чехов. Овојпат злоупотребена е едночинката “Предлог за брак”. Меѓудругото, да кажеме дека едночинките на Чехов се вистински бисери. Пишувани се во неговите млади години. Оваа едночинка е отпечатена во 1889 година во весникот “Новое времја” во Москва. Оригиналниот наслов гласи “Предложение”. Чехов ја нарекува “шутка”, што значи шега. А тие шеги во едночинките на Чехов не се онака, површни, петперечки. Не! Тие се сериозна студија на психологијата на луѓето. Уште во неговата рана младост, кога се потпишуваше како Антоша Чеконте, умееше убаво да ги согледува смешните страни на луѓето. Едночинката “Предлог за брак” е токму таква. Личности: Степан Степанович Чубуков, Наталија Степановна, негова ќерка и Иван Иванович Ломов, нивни сосед. Ломов сака да се жен и со Наталија, но во разговорот ведаш доаѓа до неразбирање. Запнува работата околу тоа чии се некоиси ливади. Ломов вели дека се негови, Наталија го тврди обратното. Почнува кавга. Се редат смешни ситуации. Нема потреба да правиме некоја детална анализа, да го објаснуваме целото дејство. Но, како и во другите едночинки на Чехов, смеата е бурна, незадржлива. Чехов е голем автор. Еден од најдобрите драмски автори во руската литература. Па и во светската. Таа големина се гледа и во неговите мали (по обем) дела, раскази и едночинки. И во толку мали дела, Чехов, со огромна сила, ја насликува психологијата на луѓето од најразлични категории, од најразлични слоеви на општеството.

Еве, и нас нé повлече таа сила и се впуштивме во широчина, иако рековме дека нема да го правиме тоа. Се враќаме на “народната приказна”. Наталија Степановна е прекрстена во Анѓа, а кавгата се води не за ливади, туку за божемна нива. Се караат за тоа “чива” е нивата. Така велат – “чива”, наместо чија. Има и други јазични грешки. Најголема грешка е плагијатот. Најголема грешка е сквернавањето на делата на големиот Чехов. Најголема грешка е што тие дела се приземјуваат до таква мера, што кутриот Чехов би се превртил во гробот. А најголема грешка, најголема нечесност, што некојси таму се потпишува како сценарист. Некојси таму, ги расипува делата не Чехов и ги продава како народни приказни, и тоа МАКЕДОНСКИ! Зар тоа не е потценување на гледачите?! Што си мисли авторот на сценариото?! Дека никој нема да го препознае неговиот плагијат?

А што прави и самата телевизија? Велиме “телевизија”, зашто не им ја знаеме хиерархиската поставеност. Кој за што е одговорен?

Белки постои некој УРЕДНИК!!!

Loading