ТРГНА РАБОТАТА!

Белешка

Не чекајќи да минат сто дена, како што е пракса за владата, ќе  кажеме нешто арно, а и нешто лошо за почетокот на работата на новата локална  власт.

Уште во кампањата што скромно ја водеше сегашниот градоначалник (без  многу најави дека ќе се направи тоа, дека тоа ќе биде готово, или незнам колку и какви  проекти ќе се реализираат) беше речено, колку што ме држи умот, дека “ќе се направи Прилеп, пристојно место за живеење”. Демек модерен, европски град! Ннекако почна без многу, многу помпи преку медиумите кои, за жал, освен порталите во градов, ги има малку, оние електронските. Од пишаните е овој весник што го читате. Други многу малку, од оние државните или скоро ништо и не пишуваат за настаните во градов.

Видов и прочитав дека градоначалникот со соработниците веќе презеле мерки за реновирање, поправање на искршените плочки пред училиштето “Кочо Рацин” на улицата “Борка Талески” во центарот. Тоа е добро. Одамна требаше да се направи. Мислам дека тука некаде ќе треба да се постават и држачи за паркирање на велосипедите. Да можат граѓаните да ги оставаат своите превозни средства кога одат да пазаруваат. Добро е што  се заменува дел од цевководот за водоснабдување. И тоа е за пофалба. Значи тргна работата.

Веднаш ќе прашам? Дали е европски низ центарот на градот, на плочникот, и по толку време по изборите, да се шетаат кучиња скитници и граѓаните да стравуваат дали ќе бидат нападнати. Дури можат и да се направат бербат не само по чевлите . За тоа не сака многу. Не велам дека градоначалникот нив треба да ги отстрани, туку да профункционираат  задолжените служби. Ништо повеќе, ништо помалку, само да ја бркаат работата за која ги плаќаме. Во иднина да не се поовторува оваа грда слика. И да не се плашиме дека некое од акитниците ќе не нападне додека минуваме барем низ центарот. Зашто, ако тука ги има многу овие градски “шетачи”, тогаш што се случува на периферијата.

Ете се настаменуваат нови директори во Водовод, Старскиот дом, Комуналец. Сигурно ќе бидат заменети старите со нови раководители и во другите препријатија под капата на локалната самоуправа. Ама не сум заговорник на задолжителна кадровска промена. Ако го бидувало раководителот на било кое јавно претпријатие, ако добро се стопанисувало, прашање е дали стреба да се смени по секоја цена, само заради тоа што досегашниот бил од друга партија. Оваа пракса ич не ме бендисува. Тоа треба да престане. Треба да се гледа квалитетот и стручноста, да не речам способноста на човекот, кадарот. Не значи дека мора сé да се менува, што треба и што не треба, само да се задоволат нечии апетити.

Во прилог на ова едно сознание. Некој инженер, технолог, работел три години без решение за постојана работа во некое ЈП. Тој добил отказ со смената на раководството. Арно ама, на два-три наврати новопоставените не знаеле како да ја завршат неговата стручна работа, за која дури бил пратен три месеци на обука во странство. Новиот кадар имал проблем. Постоела опасност од хаварија и од предизвикување сериозни штети на милионскиот систем. Била доведена во прашање функционалноста поради отстуство на “непожелниот”. Тој ја знаел работата. Имал една маан. Бил симпатизер на другата политичка опција. А новите не бил “опитни”, стручни. Па од немајкаде, го свикале оддома да им ја потера работата. Им се одѕвал, не еднаш, туку двапати. Кога го повикале третпат, технологот одбил. Рекол дека веќе не е одговорен, оти веќе не работи таму. Им рекол дека ако сакаат да ја заврши работата, да го вратат на работа или да му платат за секоја интервенција. Или да се организираат да им одржи платена обука на новодојдените.

Ова е само еден случај. Дај Боже да е единствен.

К.Р.

Loading