ЛОШ ПРЕВОД

Понекогаш не знае чоек кој збор да го употреби за да го покаже својот револт, па дури и својот гнев. А во поглед на јазичните грешки таквата потреба е честа. Сме рекле дека станува збор за неодговорност, за неписменост, па дури и за глупост. А работите си течат како што си течат. Грешките се нижат, не се доброваат. Никој не одговара. Ниту тие што ги прават, ниту тие што треба да ги коригираат. Грешки многу. Ако се има предвид дека најголем број од нив се повторуваат, тогаш се премногу.

Еве една, навидум, незначајна грешка, а често употребувана. Веројатно ќе стануваше збор за преговорите со ЕУ. Ситуацијата била таква, како надуван балон кој можел да пукне. НАДУВАН!? Пак скопскиот жаргон. Го слушаме тоа повеќепати. Не се прави разлика меѓу зборовите “надуен” и “надуван”. Во Скопје така велат, балонот се надувал и бил надуван. Балонот може да се дуе, кога се дува во него тој се дуе и станува надуен, а не надуван. Дувањето е поинаков процес. Ветерот дува. Нели се вели дека кој се изгорел на млекото ќе дува и на матеницата. Значи ќе дува, а не ќе се дуе. Има и песничка “Дувни ветре развигорче”. Ветерот може да дува и да се изнадува. За балонот, ако се дуе ќе речеме дека се надул, а не надувал. Станал НАДУЕН балон.

ТВ серии ги гледаме ретко, но кога и да погледнеме, паѓа в очи лошиот превод. Нé заинтересира некоја руска серија. Импресионира актерската игра. За жал, преводот, како обично. Многу, многу грешки кои предизвикуваат револт. Како е можно тоа? Постои преведувач, а постои и лектор. Како е можно да се провлекуваат онолку грешки? Не се забележуваат сите, но се многу. Се зборува за извесна девојка. Читаме во преводот дека имала “девојачко” срце. Оваа форма “девојачко” со ништо не ги потсетува ниту преведувачот, ниту лекторот дека не соодветствува со нашите јазични норми. Едноставно, ја зеле српската форма. Кај нас тоа е “девојчинско” срце или “моминско”. Јасно е тоа, но ете не им е јасно на тие што треба да им биде најјасно.

Слушаме во дијалогот карактеристика за некој човек. Бил мирен. Со никого не се “закачал”. Битпазарски збор. Нема да го коментираме. Доволно зборува за оној што го употребува. Тој збор се провлекува и се употребува многу често во филмот.

Богат сопственик на куќата заминува во странство. Долго време ќе отсуствувал. Неговиот слуга се вселува во куќата. Им се обраќа на другите прислужници, а и на сите други: “Отсега сите ќе ми се потчинуваат на мене во оваа куќа”. Зошто не “мене”, туку “на мене”? А слушаме и “Ти реков на тебе”, “Му кажав на него”. Го слушаме тоа односно го читаме во преводот многу често. Не знаат тие луѓе дека овде има остатоци од падежни форми и треба: “Ти реков тебе”, исто така и “Му кажав нему”. Не “на тебе” и “на него”. Гледаме во една сцена дека на една од личностите, девојка, и се скинал некаков ѓердан. Читаме: “Ми се скршила копчата” и “Ми се скршила монистрата”. Ова пак навистина е чудна грешка. Зборот “копча” не е непознат, тој е често употребуван. Зошто преведувачот го употребува како да е од женски род “копча”? Никој не би го употребил така. Копчето си е копче. Не можевме да видиме и да забележиме таму во филмот, за каков предмет станува збор, но тоа е всушност некој ситен предмет. Но, каков и да е, штом се употребува тоа име, тогаш тоа е “копче”, а не “копча”. Сличен е случајот и со “монистрата” (во Прилеп ги викаат мониста). Зошто и тука се вели дека се скршила монистрата? Каков и да е ѓердан не е составен само од една монистра.

Тешко можат да се забележат сите грешки и сите нелогичности. Многу се, премногу. Човек не ќе може да го следи дејството, ако запишува сé. Важно, станува збор за премногу лош превод.

Loading