ПОКРИВ НАД ГЛАВА И РАБОТА ЗА ПАРЧЕ ЛЕБ

Самохраната мајка Мариче Секулоска (48) моли за помош

Си поиграла судбината со 48 годишната Мариче Секулоска која очајнички моли за помош, не толку за себе, колку за 16 годишната ќерка. Бара помош од хуманите луѓе да í помогнат во обезбедувањето на покрив над главата и пристојна работа со која ќе овозможува скромна трпеза на девојчето кое учи 9-то одделение.

Многу болка и нанесол животот. Што би рекле стари откако го здогледала сонцето во соседна Битола. Се мачела и измачувала како дете сираче за потоа да се обиде уште млада да свие брачно гнездо. Сурова била животната врвица. Постојано í предизвикувала нови искушенија, потешки и понемилосрдни. Била принудена да затвори очи пред новите искушенија, да си ја погази гордоста, достоинството само да му обезбеди на детето подобра иднина.

Несреќата никогаш не одела сама. Од едно премрежје, ја зафаќало друго, за денес искрено да моли за помош, откако останува самохрана мајка. Не се срами од било каква работа да обезбеди топол дом и пристојни услови за малата ќерка.

-Ни треба соба или стан, да се прибереме со ќерката. Малку услови за одржување на хигиена, да можеме да се измиеме, искапеме, да зготвам нешто и детете гладно да не го пуштам на училиште. Не одбивам секаква работа, затоа што сум здрава и права – вели Мариче Секулоска.

Тешкотиите во животот í ставиле длабоки траги. Храбра е и борбена. Камен ќе стопи. Не се предава. Бара и очекува подадена рака од луѓето со хумани срца. Било каква материјална помош í е добредојдена за мајката која лавовски се бори да го заштити девојчето и да му обезбеди барем пристојни услови за живот за да може да го заврши основното образование.

-Не сум во можност да ја издржувам само со социјална помош.  Потребна ми е и помош во облека и други намирници за живот – скромно вели Мариче.

Срцето и се кине додека во главата и се превртуваат сите случки од животот кои не може да ги заборави, а уште помалку да ги искаже во јавноста. Свесна за својата позиција, уште повеќе за обврската која ја има кон ќерката, се обидува на секој можен начин да излезе од калта, на ќерка си да í обезбеди скромен дом, во кој ќе владее смиреност и амбиент за совладување на наставното градив. Бара малку, само клима за учење за своето дете.

Го сокрива погледот, како и очите од кои зрачи упорност и спремност за жртвување. Со одредена горделивост се надева дека среќата повторно ќе í се насмевне и дека радост повторно ќе и го исполни мајчино срцето кога на челадта ќе í овозможи скромен дом и повеќе од парче леб.    

Loading