ДЕТЕ ОД ФК 11 ОКТОМВРИ СТИГНА ДО А-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Фудбал: Прилепчанецот Тодор Тодороски е потенцијален патник на Светско

За последните 5 натпревари против Ерменија и Исланд по двапати, со Романија дома, во А-репрезентацијата на Македонија нов член е Тодор Тодороски. Тој е 22-годишен прилепчанец, кој настапува за српскиот суперлигаш Раднички од Ниш. Претходно бил во хрватските Шибеник и Осијек, во скопските Вардар и Металург, во гевгелиски Кожуф. Единствен прилепски клуб, за кој играл е Октомври.

– Беше многу одамна. Играв во младинските категории од 11 Октомври. Сениорски фудбал заиграв на 16 години во Металург – потсетува Тодороски.

Игра на позицијата десен бек. Играл и лев бек, како во младинските селекции, така и во клубовите. Повикот од селекторот Благоја Милевски не е случаен, бидејќи Тодороски има дадено добри партии откако стана член на нишкиот клуб. Најпресудно, сепак, е тоа што селекторот добро го познава уште од Младата репрезентација.

– Атмосферата во репрезентацијата е одлична. Ваква сплотеност немало никогаш. Тоа го потврдуваат постарите репрезентативци. Нема делби, нема групи, нема разлики Македонци, Албанци и сл. Сите сме едно – смета Тодор.

Драматични беа последните 2 кола во квалификациската група, каде за Македонија се мислеше дека ги загуби шансите за 2. место кое води до бараж. Не зависеше само од тоа дали македонскиот тим двапати ќе победи, туку услов беше и Исланд да не загуби од Романија. Одлучи психолошкиот фактор, ставот на селекторот.

– Селекторот на секој дуел се оди на победа, без оглед дали имаме или немаме шанса за некој пласман. Знаеме дека ја претставуваме нашата земја и даваме максимум. Прво фокусот ни беше Ерменија, па потоа се друго. По триумфот од 5:0 се надевавме дека и Господ ќе ни помогне. Потоа во Ерменија го гледавме дуелот Романија – Исланд. Беа многу тешки моменти, оти потешко е да гледаш, отколку да играш. Заврши 0:0 и судбината дојде во наши раце – ја опишува атмосферата при следењето на тв-преносот.

На последниот меч со Исланд советите од селекторот биле да не ги понесе атмосферата на домашната публика, да останат смирени докрај – со ладни глави, а топло срце. Цврстиот Исланд беше разбиен во финишот со 3:1 и погледите се кон денешната ждрепка за баражот.

– Нема слаб противник. Најсилни се секако Португалија и Италија, тука се Шведска и Шкотска. Според мене, најдобро е да ни паднат Русија и Велес. Против секого ќе се бориме и нема да се предадеме – порачува Тодороски.

Ја гледам Победа

– Кога имам време, ги гледам мечевите на Победа. Се надевам дека ќе се врати во Првата лига, каде и е местото заедно со прекрасната публика, навивачите – вели Тоше.

Внук на Милан Тодороски

Тодороски е често презиме во прилепскиот фудбал. Крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите го одбележа Милан Тодороски, сега во Австралија.

– Внук сум му од прв братучед. Знам за него дека бил голем фудбалер, со квалитети за репрезентација.

Loading