ПРИНЦИПИЕЛНОСТ, ОДГОВОРНОСТ, СМЕЛОСТ И ОТВОРЕНОСТ НА СЦЕНАТА

Исидор Јованоски, актер

Нашиот актер Исидор Јованоски, кој е ангажиран во театарот во Велес, за улогата на Оливер Глембај во претставата “Глембаеви” на театарот “Војдан Чернодрински” ја доби наградата за млад актер “Трајко Чоревски” на  55 -тото издание на МТФ “Војдан Чернодрински”. Вели дека ужива додека игра, ама уживал и со наградата.

-Наградата е потврда дека сум на вистинскиот пат, оти театарот е маратон и кондицијата не само што е неизбежно да се одржува, туку и да се подобрува. Чест и задоволство. Посебно е значењето што наградата ја добив на 55 МТФ со ансамблот на прилепскиот театар и големиот Брезовец. Улогата ми беше голем предизвик, заради соработката со Бранко Брезовец и Театарот “Војдан Чернодрински”, и тоа што бев штотуку дипломиран! Тогаш многу бев радосен што влегов во кастингот, што го добив Оливер и почна сé. Бев на сцената и кога требаше и кога не требаше. Мислам дека впив сé од Глембаеви. Одлично беше искуството со актерската екипа, режисерот, театарските работници. Како сите други ликови Оливер е комплексна ролја. Во целиот процес сакав, се трудев, давав сé од себе… Летав – вели Исидор, за кого театарот е голем број на луѓе во едно место кои молчат и чекаат, за потоа да се јави бура од појави, слики емоции, зборови, звуци…

За него, театарот е да се биде принципиелен, одговорен, смел, отворен, а секоја трансформација на ликовите е задоволство.

-Со секој нов лик се откривам подлабоко, многу посуштински. За себе дознавам работи за кои не сум бил свесен. Се трудам да ги проучам сите аспекти, карактеристики, случувања на ликот во и вондрамското време. Го споредувам со мене, со некој друг и тоа ми помага да го разбирам и да го споделам со себе си. Го оживувам во мене. Трансформациите се процес на кој треба многу вредно да се работи. Макотрпни се, но и восхитувачки – додава Јованоски, кој работи без застој.

Неговиот професионален ангажман е насочен во нов тетарски проект во копродукција на Џинот, МНТ, Турски театар и ФИАТ Подгорица на текст по мотиви од романот Госпоѓа Бовари во режија на Дејан Пројковски.

Loading